/Прочитано:

895

Адвокатите во Охрид дискутираат за проблемите во примената на Законот за кривичната постапка

Адвокатската комора на РМ во Охрид одржува настан посветен на проблемите во примената на Законот за кривичната постапка од аспект на одбраната. На настанот, на кој присуствуваат голем број адвокати, судии, обвинители и други претставници на правосудната фела, се говори за практичните проблеми што се јавуваат во примената на членовите од Законот за кривичната постапка, за проблемите на одбраната во судските процеси, како и за потребата од подобрување на законските решенија. На настанот ќе биде промовирана и публикацијата „Проблеми во примена на ЗКП од аспект на одбраната“.

„Во предвечерието на донесувањето на новиот Закон за кривичната постапка е мошне важно да се поразговара со останатите страни во судските процеси, од причина што од синхронизирано функционирање на сите субјекти и страни во постапките зависи имплементацијата на самите измени на законските решенија. Ние во декември до ресорното министерство ги доставивме нашите предлози, фокусирани пред сè врз можностите за поефективна одбрана, фактичка, а не формална еднаквост на оружјето во процесите. Мошне е важно и изедначувањето на примената на одредени законски решенија затоа што во пракса се соочувавме со неизедначена примена на законски решенија за идентични правни ситуации, што претставува потенцијал да задира директно во правната сигурност на граѓаните“, истакна заменик-претседателот на Адвокатската комора на РМ, Јелена Ристиќ, која изрази задоволство од соработката со Министерството за правда и увереност дека забелешките на претставниците на одбраната ќе бидат земени предвид.

„Прифаќањето на забелешките би било во интерес на изедначување на примената на одредени законски решенија, што во досегашната пракса не секогаш беше случај. Законскиот текст генерално добро ги поставува позициите на страните во судските процеси. Но, апсолутно сè уште постои простор за изградба на реална еднаквост на оружјето со судницата, тоа да не биде само формално на хартија туку целосно имплементирано во судската пракса“, додаде Ристиќ.

Според адвокатот Никола Додевски, на обвинетиот мора од самиот почеток на процесот да му биде обезбедено право на рамноправност во процесот и на ефективна одбрана. Во тешки и сложени предмети на барање на одбраната, подвлече Додевски, судот да решава колку ќе биде рокот за обжалување во зависност од обемноста на материјалот.

„Генерално, ефективноста на одбраната, еднаквоста на странките во процесот, еднаквоста на оружјето меѓу странките е главна поента за сите предлози и забелешки. Доколку тие се прифатат, ќе добиеме многу подобар Закон за кривичната постапка во интерес на сите граѓани“, нагласи адвокатот Никола Додевски, кој е и автор на публикацијата  „Проблеми во примена на ЗКП од аспект на одбраната“.

Публикацијата „Проблеми во примена на ЗКП од аспект на одбраната“ претставува резиме на обуки за Законот за кривичната постапка одржани во рамките на проектот на Адвокатската комора на Република Македонија, поддржан од Амбасадата на САД.

Целта на публикацијата е да се концентрираат дискусиите и согледувањата на учесниците и на предавачите (и едните и другите адвокати на одбраната) од досегашната практична примена на Законот за кривичната постапка, и тоа пред сè од аспект на одбраната и можностите таа да биде ефикасна, и од аспект на неуедначената практика и различниот третман на правните ситуации, но и воочување на одредени недостатоци на законското решение и проблеми во практичната примена.

Текстот нема претензија да биде прирачник за адвокатите на одбраната. Одбраната и не треба да работи со прирачници, туку во секој конкретен случај на најдобар начин да го заштити интересот на клиентот. Но, имајќи предвид дека во конкретниот проект за обуки за практичната примена на Законот за кривичната постапка од аспектот на одбраната учествуваа повеќе од  250 учесници, за адвокатите на одбраната е корисно забелешките, искуствата и проблемите истакнати од тој значителен број адвокати на одбраната да се најдат на едно место и да им послужат во практиката на адвокатите кои учествуваат во кривичните постапки. Во таа смисла овој материјал е наменет за адвокатите на одбраната.

Редоследот на коментарите е според редоследот на одредбите на кои се однесувале дискусиите и согледувањата и на предавачите и на учесниците во дискусијата. Намерно не е правена градација според важност затоа што, кога се работи за одбрана на клиент, тешко може одредена правна ситуација да се оцени како помалку важна во однос на друга ситуација.

Импликациите од погрешна или различна практична примена на Законот за кривичната постапка може да се појават во секоја натамошна фаза од постапката.

Заради поголема прегледност при користење на материјалот, во него се вметнати и одредбите од Законот за кривичната постапка на коишто се однесува соодветното излагање, а исто така во одредени сегменти и повикувањето на соодветна судска практика на Европскиот суд за човекови права, имајќи го предвид наднационалниот карактер на Европската конвенција за заштита на човековите права како составен дел на правниот поредок на Република Македонија.

Од АКРМ велат дека бесплатни примероци од публикацијата ќе може да се добијат во просториите на Комората.

М.В