/ Прочитано:

1.522

Академик одржа обука за законските новини за прекршоците и за управните спорови

Академик одржа обука за новините предвидени во Предлог-законот за прекршоците и во Предлог-законот за управните спорови, на која предавачи беа Каролина Стојановска-Богдановска, виш управен инспектор од Државниот управен инспекторат, и Анета Тошевска,  раководител на одделение – Сектор за правосудство при Министерството за правда.

Предавачките на обуката пред учесниците од приватниот и од јавниот сектор детално ги елаборираа новините во Предлог-законот за прекршоците и во Предлог-законот за управните спорови, ставајќи посебен акцент на прекршочната постапка и одговорноста во согласност со Предлог-законот за прекршоците, како и на текот на постапката за водење управен спор во согласност со Предлог-законот за управните спорови.

На обуката се дискутираше и за решенијата за подобрување на ефикасноста на прекршочната постапка и за ефикасноста во водењето на постапката по поведен управен спор.

Во таа насока, на обуката се опфатија и прашањата за прекршоците и управните спорови од аспект на усогласеноста на законодавството, но и од аспект на водењето на постапката пред судот.

Посебен интерес побуди прашањето за законските одредбите со кои посебно ќе бидат засегнати правните лица и јавните органи, како и прашањето за влијанијата на Предлог-законот врз бизнис-заедницата.

На обуката се разви плодна интерактивна дискусија за законските решенија и се коментираа бројни примери од практиката во насока на правилна примена на законските новини.

Предавањето и интерактивната атмосфера, истакнаа учесниците на обуката, на овој едукативен настан му дадоа посебен белег. Предавачките беа солидно подготвени и дадоа одговори на сите прашања што им ги поставивме.

„Она што ни остави најголем впечаток, покрај одличните предавања, е одличната организација на обуката и внимателно конципираната тема, која не беше само строго фокусирана кон новите прописи и процедури, туку на поширокиот општествен контекст. Со тоа се создаде можност да се отвори богата дискусија, на која и ние, како луѓе од практиката, можевме да укажеме на што треба да се внимава во праксата и како да поефективно да се применат законските решенија од бизнис-заедницата и од институциите“, истакнуваат учениците на обуката.