/ Прочитано:

1.446

Анализа од процената на влијанието на регулативата врз Законот за судовите

Институтот за европска политика ја објави работната верзија на Процената на влијанието на регулативата (ПВР) на Законот за судовите. Автори на анализата се  м-р Ива Цоневска и м-р Исмаил Камбери.

Во Министерството за правда, се вели во анализата, постои инклузивен процес на консултации во однос на Законот за судовите преку формирање на работната група, објавување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите на ЕНЕР, сè до организирање на јавни дебати во однос на предложените законски измени.

Законот за судовите и прашањата поврзани со неговото спроведување се од исклучителна важност за пристапните преговори со Европската Унија во однос на Поглавјето 23: правосудство и основни човекови права.

Од друга страна, во овие области Европската Унија нема свое законодавство, поради што државите што пристапуваат мораат внимателно да ги проценат влијанијата на своите предложени решенија.

Измените и дополнувањата на Законот за судовите од мај 2018 година не ги адресираа ставовите на судството, како и препораките дадени во мислењата на Венецијанската комисија.

Предложените измени на Законот објавени на ЕНЕР на 9 ноември 2018 година се во насока на исполнување на препораките дадени во меѓународните извештаи и мислењата на судиите.

Потребно е доследно следење на имплементацијата на законските решенија откако тие ќе бидат донесени.

Од исклучителна важност е анализата на судската мрежа, која во моментот на пишување на оваа анализа се подготвува во Министерството за правда. Со ова се пристапува кон еден сериозен пристап на реформи и подготовка на законски решенија базирани на докази.

Неопходно е овој документ да се објави и за него да се оствари конструктивна расправа. Препораките во меѓународните извештаи во однос на изборот и унапредувањето на судиите се земени предвид во предложените измени објавени на ЕНЕР. Меѓутоа, во однос  критериумите за унапредување, судиите и експертите сметаат дека е потребно зголемување на судискиот стаж за унапредување на судиите.

Со предложените измени на Законот за судовите се имплементираат препораките на Венецијанската комисија и препораките на ГРЕКО во однос на основите за одговорност на судиите.

„Ова истражување укажува дека е неопходно унапредување и ревизија на судскиот информатички систем со цел негова целосна функционалност. Истовремено, потенцираме дека нашите испитаници укажуваат дека зголемувањето на судскиот буџет и доекипирање на судовите со стручен кадар дополнително ќе придонесат за унапредување на ефикасноста на судовите и квалитетот на постапките. Секако, очекуваните влијанија од опциите предмет на ова истражување долгорочно треба да се следат заедно со влијанијата од останатите законски решенија во судството. Ова е препорака од страна на нашите испитаници, но и потреба како резултат на процесите поврзани со отпочнување на преговорите за пристапување во Европската Унија“, се вели во анализата, чиј целосен текст може да се преземе на следниот линк.

Тркалезна маса за примената на процената на влијанието на регулативата врз Законот за судовите

М.В