/ Прочитано:

1.674

Анализа за трансформацијата на СЈО и проблемот со неговата уставност

Фондацијата Отворено општество – Македонија издаде нов документ за јавни политики, со наслов „Правните предизвици пред Специјалното јавно обвинителство“, во кој проф. д-р Гордан Калајџиев го анализира статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во правосудниот систем, кое е исправено пред неколку сериозни правни и политички искушенија.

„Досега не е водена отворена расправа и не се анализирани многу значајни проблеми врзани со работењето на СЈО, познати речиси од самиот почеток на работата на специјалното обвинителство. Затоа, целта на оваа анализа е отворено да се прикажат позначајните правни проблеми и искушенија пред кои стои ова обвинителство и да се понудат можни решенија за нивно надминување. Анализата пред сè се занимава со трансформацијата на СЈО, но и со можностите, проблемите и предизвиците со кои ќе се соочи обвинителството. Исто така, во документот се анализира проблемот со уставноста на СЈО, рокот за гонење (подигање обвиненија), неговата уставност и новите истраги, незаконитите докази, помилувањата на претседателот Иванов и можноста за идни помилувања или амнестија и нивните правни (и политички) последици, како и последиците од евентуалните постапки пред Судот во Стразбур“, се вели во анализата.

Во анализата во однос на трансформацијата на СЈО се вели дека СЈО и натаму да треба се уредува со посебен закон, иако мора да се размисли за тоа како ќе се одразат номотехничките решенија не само врз автономијата, туку и врз проблемот со уставноста на СЈО, мандатот на обвинителката Јанева и на другите обвинители и нивниот иден статус, како и на веројатно најсложеното прашање – рокот за подигање на обвиненијата и судбината на започнатите истраги. Доколку, пак, се избере опцијата СЈО да се вклопи во рамките на редовното обвинителство, нема голема оправданост од постоење на две посебни обвинителства за организиран криминал и корупција, па тие би требало да се обединат.

Во однос на проблемот на уставноста на СЈО се вели дека доколку СЈО барем донекаде се инкорпорира во редовното обвинителство, што беше идејата на Стратегијата за реформи на правосудниот систем и Акцискиот план (усвоени од Владата на РМ), овој проблем практично ќе биде надминат (во смисла на тоа колку ќе биде СЈО повеќе инкорпорирано, или, со други зборови колку помалку ќе биде самостојно, толку пропорционално ќе се намалат изгледите да се оспорува неговата уставност).

„За волја на вистината, правната аргументација, поради експлицитното споменување на монократскиот и хиерархиски карактер на ЈО преку зборот ‘единствен“, е во блага предност кон одлуката за неуставност, но во еден организациски принцип нема некоја голема правна или политичка филозофија или тежина, па затоа правно-политичките аргументи се силно во корист на владеењето на правото“, се посочува во анализата.

Во анализата, исто така, се препорачува дека во членот 12 од Законот за кривичната постапка, во однос на законитоста на доказите, акцентот се става на начинот на прибавување на доказите, а не на нивното создавање. Меѓутоа, овој член не е докрај јасно одреден, па затоа би требало при наредните измени на ЗКП да се измени и да се дополни, имајќи го предвид, пред сè, хрватското решение.

„Имено, членот 12 мора да направи јасна разлика меѓу тоа што е составување доказ, прибавување доказ и доказ изведен од главниот доказ чијашто законска дозволеност се оспорува“, се посочува во анализата во однос на незаконитоста на доказите.

Анализата може да се преземе на следниот линк

Министерство за правда: Законот за јавното обвинителство е закон без скриена амнестија

Граѓанските организации бараат повлекување на Предлог-законот за јавното обвинителство

Јавниот обвинител на СЈО за својата работа ќе одговара пред републичкиот  јавен обвинител

Детално образложение на Законот за јавното обвинителство, во кој е уреден и статусот на СЈО

Новините во предложените измени на Законот за Советот на јавните обвинители

Детално образложение на Законот за јавното обвинителство, во кој е уреден и статусот на СЈО

СЈО да биде дел од ЈО, со посебна автономија

Јовески: Да постои единствен закон за Јавно обвинителство, во кој би се вклопил и Законот за СЈО

Објавен текстот на Предлог-законот за Специјалното јавно обвинителство – се предвидуваат нови надлежности на СЈО

Министерството за правда подготвува Закон за Специјалното јавно обвинителство

М.В