/ Прочитано:

2.106

Барање за автентично толкување на членот 14, ставот 3, точките 1 и 5 од Законот за ДДВ

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Меѓународната невладина организација „Македонија 2025“ и Адвокатското друштво „Тошиќ и Јевтиќ“ поднесоа барање до Собранието на Република Македонија за автентично толкување  на членот 14, ставот 3, точките 1 и 5 од Законот за данокот на додадена вредност.

„Барањето за автентично толкување се јави како потреба врз основа на анализите и сознанијата за одредени проблеми со кои се соочуваат компаниите, во однос на даночниот третман при извоз на услуги. Имено, на компаниите им се наметнува обврска за неосновано засметување и плаќање на ДДВ, што беше главниот двигател за актуализирање на прашањето за создавање стабилна и предвидлива законска рамка, без простор за правни празнини при имплементацијата на постојните законски решенија“, соопшти МАСИТ.

Оттаму велат дека Владата дала позитивно мислење во однос на оваа инцијатива и дека во актуализирањето на прашањето се вклучиле генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и формалниот подносител на ова барање пратеничката Ивана Туфегџиќ.

„Во исчекување на позитивен резултат од Законодавно-правната комисија во Собранието на РМ, а со цел овозможување на правна сигурност за сите компании кои подлежат на оваа категорија, би сакале да ја изразиме нашата благодарност и да ја поздравиме посветеноста за вклучувањето во овој процес од страна на сите чинители, кој веруваме ќе овозможи подобра бизнис-клима, како и поголема предвидливост на законските норми“, се вели во соопштението.