Ќе се укинува и Законот за гравитација

Бранот на честа промена на македонските закони ќе заврши со укинување и на Законот за гравитација, информираат од храмот на македонската законодавна демократија.

„Ќе се укинува и Законот за гравитација за младите полесно да летнат од државава“, се вели во законското образложение на Предлог-законот за укинување на Законот за гравитација

„Сметаме дека со постоењето на Законот за гравитација се зголемува невработеноста во земјава. Таа врска пресилно ги држи младите на земјава при толкав широк спектар на можности во планетарни рамки“, се додава во законското образложение.

Народните избраници велат дека овој закон нема да се однесува на нив, слично како и за легендарните пакет закони за хонорарците.

„Ние одамна летаме во облаци“, велат народните избраници.

Од храмот на македонската демократија додаваат дека Македонија е светски лидер во честата промена на законите и дека ваквата појава предизвикала научен интерес во светски рамки.

„Сето она што беше кажано за правото, за законите, за нивниот дух и за нивната цел, по нашиов преседан беше преформулирано, барем за македонски услови“, велат од законодавниот храм.

Рекоа за честите промени на македонските закони…

Се тече, сѐ се менува, само македонските закони пред избори се менуваат ко чорапи“, – Хераклит.

Само две работи се бесконечни – глупоста и укинувањето на законски глупости пред избори“ – Ајнштајн.

Мајко мила“, – Фројд.

Законот е одраз на духот на народот, само македонските закони за хонорарите им зедоа душа на хонорарците“, – Хегел.

Не ви требаат реформски закони за судството, туку следете го само моралниот закон. Колку подалеку од законодавно-политичките домови – толку поморален закон. Политиката е блудница“, – Кант.

Господ да чува“, – Тома Аквински

Естетика на правото во Македонија е убавица вработена во правосудството по партиска линија“ – Дворкин.

Уставен суд е институција задолжена за зачувување на менталната чистота на законодавството, односно ефикасен Уставен суд е никој внатре не се прави луд“, – Келзен.

Како тргнале и Третиов Њутнов закон ќе го сменат“, – Њутн.

Укинете го и Законот за гравитација, сакам да летнам од државава“, – Млади дипломирани физичари и останати колеги.

Расправа за новиот специјален обвинител

На денешната расправа покрај укинувањето на Законот за гравитација, се расправеше и за новиот специјален обвинител.

„Тоа мора да биде силен, независен човек, со изразена индивидуалност и со познавање на полициската и кривичната постапка. Тој човек не треба да има страв и мора да биде во можност да им одговори на сите закани и опасност“, констатираа народните избраници.

По заедничките консултации, тие предложија персонално решение (види фото)