Живот каде правиме нешто со нашите раце

Во принцип и од немајкаде, кога ми доаѓа човек и ми кажува дека во блиската и подалечна иднина ќе направи четрсто триесет и две работи и ќе почне да ми ги дава деталите за планираните активности, јас би го запрел во третата минута и би го запрашал која е големата слика. Кој е моделот за кој ги правиш активностите? Како функционира тој модел? Од каде си тргнал и каде сакаш да стигнеш? Во кој временски период ќе ги видиш првите плодови на својата работа?

Домашната политичка расправа, чие ниво реално е сместено некаде помеѓу Бугарија (доста повисоко од нас) и Србија (доста пониско од нас), го има баш овој недостаток, нема моменти од значење за големата слика. Секојдневната дискусија е баш за тоа, за секојдневието, односот на политичките елити кон секојдневието. Кој, кому кога, како. Отприлика тука сме заглавени. За нас правниците многу е важна расправата за големата слика. Така ќе можеме да ги пофатиме автопатиштата, трендовите ко ќе се рефлектираат низ законски решенија во блиската и подалечната иднина. Во моментов имам чувство дека можеме само да ги фатиме уличките позади градинка во Топаанско Поле, далеку сме од автопатот. Топаанско Поле го спомнав патем, бидејќи сум пораснал таму и бидејќи гледам дека таму ќе се прави сериозна инвестиција во огромна џамија: додуша гранде религиозна инвестиција која нам баш и не ни треба, но ОК: темата и така не е за промашените религиозни инвестиции со кои се замачкуваат очите на плебсот од било која провиниенција.

Главната тема е следна: кога државата Република Македонија ќе започне да создава повеќе вредност. Кога и како граѓаните, организирани во компании, самовработени или во други корпоративни форми ќе почнат да создаваат повеќе производи со додадена вредност. Оти, во моментов не произведуваме доволно. Она што го произведуваме е малку, а тоа малку што го произведуваме нема доволно додадена вредност. Односно, нашите производи немаат доволно маргина на профит. Што значи ова? Ова, на пример значи дека наместо да произведуваме сто илјади тони ајвар по просечна цена од две евра по кило, треба да произведуваме двеста илјади тони ајвар по цена од пет евра по кило. За да го направиме ова, треба да имаме соодветно образувани претприемачи (особено спремни за разговор за модерно призводство, пакување, маркетинг), доволно финансиски средства, бројни плантажи на добро селектирани пиперки, одгледани со соодветен квалитет во континуитет и со примена на врвни технологии. И приказна. Но, приказната за ајварот е на почеток и на крај. Помеѓу во овој пеколен сендич е напорната работа и квалитетно потрошеното време. Време немаме и не знам колку сме спремни на напорна работа, тоа на крајот на краиштата и не е работа на владата. Нејзина работа е да направи систем каде ќе се интегрира образованието, претприемништвото, финансиите, мерките во земјоделието и трговијата. Во принцип владата презема парцијални мерки, проекти во секој од овие сегменти. Според изгледот досега, јас би ги нарекол „хардверски” мерки. Тие мерки се главно во сферата на подобрување на физичките услови за работење. Да се разбереме, тие мерки се неопходно потребни и големо браво за истите. Но, ќе се согласите и дека дека не се доволни. Оти, добиваме ефект на прекрасен градски стадион на кој нема фудбалска репрезентација да игра, па од време на време ќе го полни Жељко Јоксимовиќ. Убеден сум дека владата не го правеше градскиот стадион за да биде полн од концерти на ѕвезди од соседството. Го правеа верувајќи дека прво ќе се направи прекрасна арена (хардвер), а потоа ќе направиме фудбалска репрезентација (софтвер). Истиот принцип се применува и во здравството (градиме болници, реновираме, праќаме луѓе на обука). Но, веројатно сфаќаме дека клучниот проблем во здравството се две работи: фондот е со сосема мал капацитет и медицинскиот персонал не може да пружи врвна здравствена услуга.

Значи јас би почнал од таму: како да направиме здравствен фонд каде ќе има средства кои ќе овозможат да се лекува секој, од секаква болест, со секој ефикасен лек за соодветната болест, во било која здравствена институција во земјата или светот. Оти, под тоа за што зборуваме? Дека (не дај боже) ако се разболиш од најтешка болест фондот нема да ти плати за лековите? Или ако во земјата ти нема лек, фондот нема да може да ти плати лекување на пример во Австрија? Чекај, ќе се запраша просечниот Македонец кој четириесет години одвојувал за здравство, во просек по 30 евра месечно. Чекај, јас сум одвоил за четириесет години 15.000 ЕВРА за здравствениот фонд, фондот ги оплодувал моите пари, сега нема да ми плати лекови? Што ќе мие врвен кревет ако државата не ми дава соодветен лек? Што ако е скап, што е тоа скапо ако здравјето е во прашање? Го следам министерот за здравство што прави, неверојатна енергија има човекот за микро-менаџмент, нема што секој треба да му признае. Но, упорно не си го поставува второто клучно прашање: зошто сестрата во ноќна смена во болница не може да разбере дека треба да биде покрај креветот на болниот кој урла во болки? Зошто не разбира дека треба да му подаде чаша вода, ја избрише потта од челото, да му каже на пациентот да не се грижи. Или, зошто не може да биде барем љубезна со болните. Мислите дека тоа е зошто куќиштето на компјутерот е лошо и излупено? Не, се работи за сериозен недостаток во софтверот, кој е или системски недостаток (систем еррор) или е бубачка (баг) во системот. Нема трето. Системот има два краја. На едниот крај е образованието на здравствените работници. На другиот крај се финансиите, фондот. Да се потсетиме на убавиот стадион, ќе направиме болници за да ни лежат „пејачи“ со многу пари. Ќе нема пациенти, фондот нема да им го плаќа престојот и потребните лекови. Ќе нема здравствени работници да пружат стандардни услуги. Море, не мора услуги, нема здравствени работници кои можат човечки да те пречекаат, со насмевка и сочувство за твојата здравствена состојба.

Се согласувам со сите што ќе речат дека премал е денот за се ова да се сработи, дека од некаде треба да се тргне, дека и ова што се прави е многу повеќе од претходно. Се согласувам, но едноставно ако не ги работиме сите овие работи синхронизирано, ние сепак нема да имаме систем, а тоа значи ќе немаме реален напредок.

Како што го немаме ниту во донесувањето на законски решенија. Не дека не донесуваме законски решенија, ги донесуваме масовно (и отпојќе), но немаме чувство дека истите се синхронизирани во систем. На пример најновите закони од социјалната сфера, можноста за подоцнежно пензионирање и плаќање на придонеси при ангажирање на лица од страна на работодавачот. Од авион јасно се гледа дека решенијата се парцијални и изнудени. Решенијата се потребни за зацврснување на фондовите за здравство и државниот пензиски фонд. Зошто се оптоваруваме дека носиме решенија кои се „социјални“, дека наводно се работи за подигање нивото на вработеноста и за проширување на правото на работа.

Правото на работа не е апсолутно право, истото е ограничено од законодавецот. Ограничувањата се во вид на можноста за отказ, старосната граница за започнување на работен однос и старосната граница за престанок со работење. Цивилизациските придобивки никогаш не оделе кон правото порано да се стапи на работа или правото подоцна да се престане со работење. Можеме ли да речеме дека ако ја спуштиме границата на вработувањето од 16 на 14 години дека сме го прошириле човековото право на работа? Или да речеме, ајде да воведеме дискреционо право на работникот да може да одлучи дали ќе работи до 80 години. Па ако не друго, работникот на шега секоја година ќе дава изјава дека, да, би сакал да работам и на 77 години, што да не. А согласно прописите кои го следат работниот однос, работодавачот ќе биде секогаш должен да обезбеди соодветни услови за работа и за овие луѓе. Ова ни треба во системот? Да работат луѓе на 70 години, прашувајќи ги своите колеги цел ден да не знаат кај си ги оставил наочарите оти не гледа? Чекајте, се прашувам: зарем тој вработен од 65 години не треба да се замени со овој младиот од 22 години кој е со средно школо и чека работа? Зарем не е пологично да направам можност за порано пензионирање на возрасниот работник и наместо него да му наложам на работодавачот да запосли еден млад човек. Но, доаѓам до заклучок дека само на еден функционер не му одговара возрасниот да не се пензионира и да не се запосли младиот: на министерот за финансии, односно на чуварот за буџетот. Математиката е едноставна, ако возрасниот работник отиде под пензискиот фонд, треба да му исплаќаме како знаеме од 15 до 20 илјади денари пензија секој месец. Младиот за тоа време не го плаќаме ништо, татко му и мајка му се грижат за него. И да го вработиме, младиов ќе заработува 11.000 денари (според рекламата на ЦНН), што значи дека во фондовите и буџетот ќе партиципира со 4.400 денари. Проста математика, 4.400 денари приход се многу помалку од 15-20.000 денари одлив по пензионер.

Развивајќи ја оваа теза доаѓам до заклучок дека „социјалната“ држава од ваков тип е навистина одржлива. Ама дека сигурно не води во развој и благосостојба на нејзините граѓани и сигурен сум дека оваа влада не замислила баш ваков тип на социјална држава, сеприсутна социјална држава во галоп. Што значи држава без благосостојба? Тоа значи држава чии граѓани немаат потрошувачка моќ и и исклучително врзани за социјалните поттикнувања од својата влада. Во превод, ова значи дека од сега па натаму икс години не може да се развие македонски бренд на маици кои би чинеле повеќе од 10 евра, нема да се отвори бутик Армани во Скопје (на пример), во просек ќе се продаваат станови кои по квалитет ќе чинат помалку од 900 ЕВРА по м2 и држава која едноставно не може да обезбеди квалитетно образование или здравство за мнозинството од своите граѓани. Намерно велам „мнозинството“ оти малцинството богати и онака ќе се снајдат за овие „дребулии“.

Затоа, предлагам работите да ги наречеме со нивното вистинско име, да направиме пресврт и од визија за социјална држава „во галоп“ би прешле на визија за држава на благосотојба. Каде покрај хардвер мерките ќе биде потребно да се вложува во „софтвер“, во човечките ресурски и во системски мерки. Да посакаме држава каде системот ќе води кон тоа граѓаните ќе бидат способни да направат нешто со своите раце, нешто да произведат, да продадат или разменат и да се прехранат. Како во последно време омиленото, предисториско време.

Објавено: 31.07.2014