/ Прочитано:

1.841

Делегација на Венецијанската комисија во Министерството за правда

Министерката за правда, Рената Дескоска, придружена од заменик-министерот Оливер Ристовски и претставници на Министерството за правда, одржа работен состанок со четиричлената делегација на Венецијанската комисија, која е во дводневна работна посета за евалуација на измените на законите од областа на судството.

Реформските процеси што ги спроведува Министерството за правда за интеграција на Република Македонија во Европската Унија беа тема на денешниот состанок, на кој поконкретно се разговараше за Законот за судови и Законот за Судскиот совет на Република Македонија.

Првично, министерката Дескоска им се заблагодари на членовите на Венецијанската комисија за поддршката на Министерството за правда во неговите напори за создавањето законски решенија и правен систем кој е во согласност со европските стандарди и критериуми.

Министерката Дескоска потенцираше дека се потребни квалитетни, долгорочни законски решенија за воспоставување на независен, кредибилен и професионален судски систем во Република Македонија. Таа дополни дека е потребен консензус и поддршка од опозицијата во законодавниот дом за ваквите законски измени, кои се носат со двотретинско мнозинство, но потенцираше дека нема да отстапи од првичната цел – независно судство.

Во текот на дводневната посета на Република Македонија, делегацијата на Венецијанската комисија ќе оствари средби и со претставници на Уставниот суд, Врховниот суд, Здружението на судиите на Република Македонија, Судскиот совет, Јавното обвинителство, претставници на Собранието на Република Македонија, како и претставници на граѓанските организации.

Членови на делегацијата на Венецијанската комисија, која е во посета на Република Македонија, се: Ричард Берет, кој доаѓа од Ирска, Цирил Рибичич, член од Словенија, Филип Димитров кој доаѓа како член на Комисијата од Бугарија и Григори Диков од Франција, кој е правен експерт од Одделот за човекови права и владеење на правото на Советот на Европа.

М.В