/ Прочитано:

880

Дискусија за првиот Национален извештај од следењето на реформите на јавната администрација

 

Институтот за европска политика (ЕПИ) ја одржа завршната конференција на ВеБЕР – Проект за помош на граѓанското општество во Западен Балкан за следење на реформата на јавната администрација.

На конференцијата се презентираа наодите од следењето на реформата на јавната администрација, со фокус на граѓанското општество и неговата улога во следењето и поддршката на реформите во јавната администрација во Република Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ.

Целта на конференцијата беше да се оствари дијалог со релевантните институции за создавање подобра администрација, како и да се отвори дискусија за првиот Национален извештај од следењето на реформите на јавната администрација

Поконкретно, на конференцијата се дискутираше за приоритетните области на јавната администрација: стратешката рамка; јавната служба и управувањето со човечки ресурси и управувањето со јавните финансии.

На првиот панел на настанот дискутираа: Малинка Ристевска-Јорданова од ЕПИ, Александра Ивановска, истражувач во рамките на проектот ВеБЕР, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, Драган Гоцевски, вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, како и Неда Малеска од Центарот за управување со промени.

Како што истакна министерот Манчевски, ваков тип проекти и извештаи кои ги детектираат предностите, но уште поважно слабостите во процесот на реформа во јавната администрација, се од особена важност за да се добие јасна и објективна слика за тоа како се одвиваат процесите внатре во институциите. Граѓанскиот сектор е тука преку следење на процесот да придонесе за подобрување на работата на институциите.

„Како што и самата подготовка на Стратегијата и на Акцискиот план за реформа на јавната администрација беше инклузивен процес, така и имплементацијата на мерките и активностите предвидени во Стратегијата се одвиваше транспарентно и со редовни известувања за завршените и тековните активности. Работата на јавниот сектор влијае врз секој граѓанин на државата, а очекувањата за побрзи и поквалитетни услуги постојано се зголемуваат. Притисокот да се биде креативен и иновативен во барањето решенија за проблемите и очекувањата на граѓаните ја наметнува потребата од постојана координација и будно следење на сите случувања“, истакна министерот Манчевски.

На конференцијата се дискутираше и за приоритетните области на јавната администрација: креирање политики и координација; одговорност, отчетност и транспарентност; давање услуги и ИКТ-поддршка на администрацијата.

На вториот панел активно учество зедоа Ангел Мојсовски, истражувач од ЕПИ во рамките на проектот ВеБЕР, Кристина Димовска од Министерството за информатичко општество и администрација, Александар Николов од Асоцијацијата „Зенит“, како и Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје.

М.В