/ Прочитано:

5.928

ФРАНЦ КАФКА – правник, писател и адвокатски симбол за борбата против легалистичките апсурди

Франц Кафка, доктор по право, адвокат и еден од водечките светски писатели, роден e на 3 јули 1883 година во ПрагаНеговите биографи пишуваат дека растел во семејство во кое ставовите на неговите родители Херман и Јулија, сопственици на трговска фирма, не биле компатибилни со она што го посакувал  Кафка во животот, како на примерпрашањето за литературата и нејзиното…

Младиот Кафка по матурирањето во германската гимназија, се запишал на правни студии кои успешно ги завршил на Карловиот универзитет, стекнувајќи се и со докторат по право. Сепак, за време на студиите, Кафка не се ограничувал само на правните студии и образование, затоа што тој го чувствувал личниот повик кон писателскиот збор. Паралелно со студиите,  посетувал и предавања по книжевност и по историја на уметноста, а особено бил воодушевен од филозофијата и социологијата. Ниче, Спониза и Вебер, биле само дел од филозофите кои ги проучувал, притоа градејќи ги своите литературни перцепции за односот помеѓу правото и правдата, поединецот и општеството, апсурдот и немоќта.

По дипломирањето, стажирал во суд, заокружувајќи го и едукативниот дел во однос на адвокатскиот стаж, за потоа да се вработи во престижна италијанска компанија за осигурување. Сатирично велел дека правникот е човек кој ќе напише 10 илјади зборови на хартија и ќе рече – ова е само еден краток документ. Кафка е познат по тоа што за време на својот работен ангажман, особено се посветувал на прашањето за заштита на здравјето и животот на работниците.

За време на своите студии и посетата на предавањата по книжевност, Кафка го запознал и неговиот најдобар пријател, Макс Брод, човек во кој имал целосна доверба и кој извршил влијание во формирањето на неговите интелектуални ставови. Благодарение на Брод, дел од творештвото на Кафка денес е зачувано. Имено, славниот писател во писмото до Брод, напишал дека неговата последна желба е неговото творештво да биде запалено и уништено.

„Драг Макс, мојата последна желба е се што оставам позади себе, сите книги на масата за пишување, дома или во канцеларија, дневници, ракописи, писма, белешки, сето тоа нека се запали непрочитано“, му напишал Кафка на својот најдобар пријател. Сепак, Макс Брод, не постапил по сугестиите на Кафка, туку, напротив дал голем придонес  во тоа некои од неговите дела да бидат зачувани, објавени и афирмирани постхумно.

Кафка несомнено поседувал вонсериска творечка креативност, како спој помеѓу литературата, филозофијата и правото. Неговата генијалност, како што пишуваат и неговите современици и биографи, често била помрачувана од неговиот психолошки замор, анксиозност и несоници, за кои велат дека коренот го имаат од конфликтноста во односите со неговиот татко и семејните недоразбирања. Сепак, во такви околности, неговиот творечки талент дошол до израз на најискрен начин. Личната тага, познавањето на човековиот живот од аспект на адвокатската практика, слободата како правно-аксиoлошка компонентна на животот и рефлексивниот израз сето тоа да се преточи низ генијален писателски збор, придонеле творештвото на Кафка да остави голем печат во светската литература, но тоа воедно и да претставува вонвременски „адвокатски симбол“ за борбата на поединецот против бирократијата и неправичното правосудство.

Во некои од своите најпознати дела, романите „Процес“ и „Замок“, како и новелата „Преобразба“ и расказот „Во казнената колонија“, Кафка пишува за корумпираноста на бирократијата, за отуѓувањето на човекот од општеството и немоќта на поединецот нешто да смени во контекст на тековните општествени случувања. Германскиот професор Томас Анц за Кафка вели дека тој е извонреден поет на апсурдот. Но, Кафка му дава и легалистички дискурс на апсурдот, преку борбата на поединецот да го зачува својот интегритет и достоинство на личноста vis-a vis ароганцијата и интригантноста на институционалните центри на моќ. Во таа насока, Кафка говори за погазувањето на вредностите во правото и неговата практична примена низ правосудството, за носењето на пресуди не врз основа на докази, туку врз основа на „потребата за пресуда“, нешто што на единствен и извонреден начин го опишал во „Процес“.

Одредени современи теоретичари на казненото право, наративно повикувајќи се на романот „Процес“, посочуваат и аргументираат дека единствената грижа во казнената постапка не е само невиниот да не биде осуден на крајот на постапката, туку и воопшто да не биде вовлечен, без доволно докази и основи, во една казнена постапка, затоа што и самото водење на казнената постапка значи значајно ограничување на слободите, правата и интересите на граѓаните, па дури и кога лицето не е во притвор.

Имено, Кафка укажува токму на овие недостатоци клучни во водењето на постапката, во која, како што вели тој, често и адвокатите се „непризнаени“. Оттука, во однос на постапката и улогата на одбраната во неа, Кафка, како што опишува во „Процес“, има впечаток дека законот неа само ја „трпи“ и дека судот „не ги признава“ адвокатите, доведувајќи ги до ниво на „надриадвокати“. Во таа смисла, немоќта на поединецот и немоќта на правната држава пред моќта на бирократскиот и правосуден волунтаризам, Кафка ја насочува кон судниците, во кои се води апсурдната борба на поединецот и неговите непризнаени бранители.

Професорката Ева Велинова за проблемот на правото кај Франц Кафка, пишува дека отсуството на познание за казната од страна на осудениот е мотив кој е заеднички за делата на Кафка, вклучително и во романот „Процес“ и во расказот „Во казнената колонија“.

„Доволно е да се потсетиме само на Јозеф К. кој ја бара својата грешка почнувајќи од утрото на приведувањето па сѐ до крајот на романот. За разлика од расказот „Во казнената колонија“ каде што прикривањето на грешката е неопходно за да се одржи апаратурата на законот, во „Процес“ оваа појава е обоена со метафизичка димензија. Сите текстови на Кафка го содржат моментот на апорија. Но, загатката во „Процес“ не бара разрешување, бидејќи тоа би го свело делото на банална криминална приказна каде што виновникот ја бара казната или, пак, невиниот трпи казна за несторено злосторство. Тука станува збор повеќе за една егзистенцијална анксиозност, која преку односот кон апаратот на правдата треба да проговори за генералниот начин на којшто поединецот учи да се справува со стварноста“, истакнува Велинова.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

9.10.2015