/ Прочитано:

5.473

„Горда сум на студентите! Тие се нашата енергија“ – проф. д-р Гордана Силјановска, рамо до рамо со студентите на протести

Горда сум на моите студенти. Нивниот протест има легитимна цел и ќе бидам со нив и во предавалните, но и на протестите. Тие млади луѓе ми даваат енергија и инспирација и овој пат ги заштитија и професорите и универзитетот, вели за Академик професорката од Правниот факултет, Гордана Силјановска, која денес на Третиот студентски протест чекореше рамо до рамо со своите студенти.

И кралевите имале почит за професорите

За професорката Силјановска е нелогично и неоправдано да се носи законско решение што најмногу ги засегнува студентите, професорите и универзитетите без притоа да постои дебата и дијалог, што, пак, е одраз и на немањето почит кон академската заедница.

„Во средниот век и кралевите имале почит за професорите. Која е инаку смислата на Vivat academiaVivant professores!“, вели професорката и посочува дека токму дијалогот, како што вели, од старт, е фундаментален за ваквите законски измени.

Доколку нема дијалог – ќе има отпор

„Не може да се предложи вакво законско решение без притоа да има дијалог, особено со оние на кои директно се однесува тоа решение, а тоа се студентите и професорите. Јас на моите студентите секогаш им говорам и им предавам за важноста од дијалогот. Доколку нема дијалог, тогаш секако дека ќе се појави отпор, протест“, вели проф. д-р Гордана Силјановска.

„Оттука, секако дека ги поддржувам студентите. Чекорев денес рамо до рамо со нив, а и како да не го направам тоа, тогаш би било спротивно на моите принципи и на она што им го предавам за демократијата и за дијалогот. И денеска, исто така, посебно ме израдува одлуката на Ректорската управа со која се бара повлекување на предложените законски решенија, тоа значи единство на Универзитетот, на професорите и деканите, солидаризирање со студентите“, нагласува професорката по уставно право.

Собранието им припаѓа на граѓаните

Таа укажува и на нелогичноста во пристапот кон креирањето на законските измени и на игнорирањето на ставот на професорите и факултетите.

„Логично е најпрво за овие законски измени да бидеме прашани ние, да постои дебата за тоа, да се одважи некој министер да дојде и да разговара со професорите. А дебата не е монолог. Ние и побаравме да бидеме повикувани да дадеме свои забелешки во матичната собраниска Комисија, но тоа не се случи. А чие е Собранието? Тоа не е ниту на Владата, ниту на партиите, тоа им припаѓа на граѓаните, оттаму извира и суверенитетот на државата, се разбира. Нашите забелешки требаше да бидат разгледани низ собраниската процедура, но сега останува пратениците да ги отфрлат законските измени. Тие мора да имаат предвид дека законот не е само процедурално донесување на актот, туку тој мора да имаат легитимитет. Законите се акти што треба да бидат легитимни и да го изразат општиот интерес затоа што чуму ви е таков закон ако не го изразува тоа, нешто на што укажувал дури и Аристотел“, вели Силјановска.

Државниот испит е непотребен

Според професорката, државниот испит како инструмент за проверка на знаењата е сосема непотребен и несоодветен, особено што, како што вели, постојат други законски механизми и инструменти за тоа.

„Еве, да речеме, за студентите што завршуваат право тука е правосудниот испит, испитот за државни службеници, нотарскиот испит итн. Државата има механизми на контрола. Доколку има сомнеж за постоење на „Фабрики за дипломи“ и тука си има законски механизми, тука е и Одборот за акредитација, кој во сегашните решенија дури има и проблематичен состав. Според мене, овој Одбор треба да биде составен од професори. Тие го имаат оној професионален ореол низ низата години затоа што не се станува лесно професор“, образложува д-р Силјановска.

Самиот факт на честа промена на Законот за високото образование говори за отсуството на концепт

За неа проблематична е и (не)компатибилноста на предложениот законски текст со европското право и посочува дека практично и не постојат наведени примери во функција на образложување на законското решение. Професорката појаснува дека првенствено „квалитетот“ на законското решение може да се согледа и од неговите чести измени, но и од  номотехничкиот аспект на конкретните предлози.

И јазични пропусти во предложениот текст 

„Законскиот текст требаше интегрално да се подготвува затоа што Законот за високото образование е толку често менуван што е контрадикторен сам со себе. Самиот факт на честа промена подразбира отсуство на концепт“, наведува таа, упатувајќи критика и за номотехничката подготовка на предложените измени, меѓутоа и за  – јазичните пропусти во предложениот текст.

„Пишуван е како да го пишувал некој кому не му е мајчин јазик македонскиот. Јас го сакам и го почитувам македонскиот јазик и морам да укажам и на овие сериозни пропусти“, вели професорката, додавајќи дека со тоа само се докажува каков третман, избрзаност и посветеност се имало во подготовка на законските предлози.

„Оттука, таа избрзаност секако дека ќе иницира и протести“, вели Силјановска, повторно сугерирајќи дека за вакво крупно законско решение неминовни се дебата, посветеност и почитување на општиот интерес.

Студентите ги заштитија професорите – протести со силна идеја

Професорката нагласува дека студентите се во право и укажува на тоа дека всушност тие ги заштитиле професорите во случајот со протестите.

„Ова се поинакви протести и студентите нè заштитија нас. Силна е идејата, интригантните пораки, нивната идентификација со индексот“, потенцира Силјановска, додавајќи дека, како потрагата по политизација на протестите е сосема погрешна.

„Целта на студентите е силно легитимирана, а местото на професорите е кај студените. Јас како професор никогаш не сум гледала кој е Македонец, кој е Албанец, сдсмовец или вмровец, сите се студенти и имаат право на слобода на мислата и на заштита и одбрана на нивните права. Како јас, која им предава и ги учи за вредностите за слободата на мислата, да не бидам со нив. Јас ги поддржувам во таа нивна кауза и секако дека местото ми е таму“, вели професорката по уставно право.

Претседателот на државата да стави вето

Д-р Силјановска го повикува и претседателот Ѓорге Иванов, како професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“, да не го потпишува законот и да стави вето затоа што етичкиот момент и кредибилитет за професорите е од суштествено значење и многу поважен од политичкиот.

Студентите се инспирација

„За секој професор најважни треба да бидат студентите. Јас како професор мојата енергија ја добивам од нив. Кога влегувам во предавална, не можам да останам рамнодушна на таа енергија. Таа младост е инспирација за мене како личност и затоа секогаш ќе бидам со студентите и на предавањата, но и кога треба да одиме заедно на протести. Горда сум на нив!“, гордо вели професорката Гордана Силјановска, која не ги крие емоциите од тоа што денеска можела сплотено да чекори со младите луѓе кои, како што вели, бескрајно ја радуваат и ја инспирираат, не само професионално, туку и во животот.

Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

26.12.2014