/ Прочитано:

3.225

Граѓанската иницијатива за законски измени за незадолжителна вакцинација во собраниска процедура

Граѓанската иницијатива на сто дваесет и девет граѓани, доставена преку овластениот предлагач Елена Павлеска, за изменување на Законот за заштита на населението од заразни болести е во собраниска процедура и е пред Комисијата за политички систем.

Преку граѓанската иницијатива се бараат измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, односно измени на одредбите за задолжителната вакцинација.

Поконкретно, со предложениот закон во рамки на иницијативата се предлага измена на членот 33, ставот 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, кој гласи:

„Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).“

Во Иницијативата се предлага членот 33, ставот 2 да гласи:

„Вакцинацијата се препорачува за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).“

Со иницијативата, исто така, се предлагаат измени и во делот на глобите, односно бришење на глобата за лице или родител/старател кој ќе одбие вакцинирање за болестите утврдени во членот 33.

Во образложението на иницијативата за измените што ги бараат се наведува дека сите вакцини носат ризик по здравјето и животот на оние што ги примаат и во таа насока се упатува на примери од домашната судска пракса, како и на Европскиот суд за правдата.

Од иницијативата во врска со задолжителната вакцинација го нагласуваат и конвенциското право и во таа смисла Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи и документот „Принципи на правата на пациентите во Европа“.

„Освен со меѓународната регулатива, задолжителната вакцинација е во спротивност со Уставот и темелните вредности на уставниот поредок“, наведуваат граѓаните во предложените законски измени.

Инаку, во 2014 година Уставниот суд не поведе постапка членот 33 ставот 2 и за членот 67 точката 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести и на членот 46 ставот 2 од Законот за основното образование и на членот 30-а ставот 5 алинејата 1 од Законот за заштита на децата. Во Иницијативата до Уставниот суд се бараше укинување на задолжителната вакцинација.

Судот оцени дека се неосновани тврдењата во иницијативата за повреда на одредбите од Уставот на кои се повикува таа. Задолжителната вакцинација во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение во однос на одредбите од Уставот, каде што се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.

„Јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот“, исткнаа од Уставниот суд.

Вакцинацијата од уставноправен аспект во една од одлуките на Уставниот суд

М.В