/ Прочитано:

19.752

Измени на Законот за административни службеници за поедноставени постапки за селекција, унапредување и оценување на службениците

Министерството за информатичко општество и администрација подготвува измени на Законот за административни службеници.

Предложените изменувања и дополнувања на Законот за административни службеници, велат од Министерството за информатичко општество и администрација, имаат за цел подобрување и поедноставување на постапките за селекција, унапредување и оценување на административните службеници, со што ќе се зголеми бројот на компетентни кандидати за вработување, но ќе придонесе и за задржување на квалитетни и мотивирани вработени во јавната администрација во Република Македонија.

 „Делот од испитот за проверка на интелектуалниот капацитет и тестот на личност, кои се содржани во актуелниот Закон, само ја усложнуваат постапката за селекција на кандидати за вработување, а притоа значително не придонесуваат за вработувања врз основа на заслуги. Нецелисходни се и барањата за меѓународно признатите сертификати за познавање на еден од трите светски јазици, што претставува и финансиско оптоварување за кандидатите без извесност за сигурно вработување. Во однос на постапката за унапредување, сегашното ригидно решение согласно кое административен службеник може на интерен оглас да се унапреди само во едно повисоко ниво доведува до неможност за кариерен развој на административни службеници кои подолго време се на најниски нивоа во рамки на категоријата. Во Законот е регулирано дека оценувањето резултира со мерки за одличен и слаб ефект. Ако целта е подобрување на работењето на администрацијата и на услугите, тогаш сигурно овие мерки не придонесуваат за остварување на истата“, велат од Министерство за информатичко општество и администрација.

М.В