/Прочитано:

1.107

Јавниот обвинител на РМ ќе поднесе барање до Собранието за автентично толкување на членот 22 од Законот за СЈО

Јавното обвинителство на РМ ќе побара Собранието да ги протолкува одредбите во Законот за СЈО кои се однесуваат на рокот за истраги и поднесување обвиненија. Ова го истакна јавниот обвинител на РМ по одржувањето на стручниот колегиум во ЈОРМ.

„Јавното обвинителство ќе ги преземе за понатамошна постапка предметите за кои СЈО ќе се огласи за ненадлежно. Јавниот обвинител во постапките по преземените предмети, како законити ќе ги користи доказите и прибавените материјали, како докази прибавени на легален начин и во законита постапка“, рече Јовески, според кого Врховниот суд излегол надвор од своите законски овластувања давајќи правно  мислење дека СЈО повеќе не е овластено да отвора нови истраги и да покренува обвиненија.

Според претседателот на Врховниот суд, пак, законските одредби за СЈО се јасни.

„Доколку има барање за носење на начелно правно мислење, Врховниот суд мора да постапи по тоа барање. Законот е јасен, рокот на СЈО е истечен, а начелно правното мислење е задолжително за Врховниот суд и ако дојде до жалба од странката до Врховниот суд, тој ќе мора да ја укине пресудата заради донесеното мислење“, смета претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Во Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во главата „Краен рок за покренување на обвинение“ и членот 22 се пропишува дека:

„Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.“

Постапката за барање автентично толкување во Деловникот на Собранието на РМ

Во Уставот на РМ се пропишува дека Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Прашањето за барањето за автентично толкување на закон подетално е регулирано во Деловникот на Собранието на РМ, каде што се пропишува дека  барање за давање на автентично толкување на закон може да поднесе секој пратеник, Владата, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Јавниот обвинител на Република Македонија, народниот правобранител, градоначалниците на општините и на Градот Скопје и советите на општините и на Градот Скопје, доколку потребата од автентично толкување настанала во врска со примена на законите во нивното работење.

Барањето за давање на автентично толкување на закон се поднесува до претседателот на Собранието и содржи назив на законот, одредбите на кои се бара толкување и причините за тоа. Барањето за давање на автентично толкување на закон, претседателот на Собранието го упатува до Законодавно-правната комисија и до Владата.

По барањето за давање на автентично толкување на закон, се пропишува понатаму во Деловникот,  Законодавно-правната комисија може да бара мислење од матичното работно тело на Собранието.

Законодавно-правната комисија, откако ќе прибави мислења од Владата и од матичното работно тело, оценува дали барањето за давање на автентично толкување е оправдано. Ако Законодавно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано, изготвува предлог на автентично толкување и го доставува до Собранието.

По предлогот за автентично толкување на закон и евентуално по поднесени амандмани, Собранието расправа и одлучува на иста седница.

Предлогот на автентичното толкување се усвојува со истото мнозинство со кое се донесува законот на кој се дава автентичното толкување.

Ако Законодавно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, ќе поднесе извештај на Собранието, кое одлучува по барањето. За одлуката на Собранието се известува подносителот на барањето.

Заклучоци на стручниот колегиум на Јавното обвинителство за начелното правно мислење на Врховниот суд

Јавниот обвинител на РМ го свика стручниот колегиум за мислењето на Врховниот суд и предметите на СЈО

Според претседателот на Врховниот суд, законските одредби за СЈО се јасни

Законските надлежности на Врховниот суд

Според претседателот на Врховниот суд, законските одредби за СЈО се јасни

Кривичниот суд во целост го објави дописот до јавниот обвинител на РМ за постапувањето со предметите на СЈО

Кривичниот суд: Јавниот обвинител да се произнесе за постапувањето во предметите на СЈО

Постапката за барање автентично толкување во Деловникот на Собранието на РМ

ВРХОВЕН СУД: По истекот на рокот од 18 месеци, СЈО не е овластен тужител за предистражни и истражни дејствија

Врховниот суд треба да одржи општа седница по повод иницијативите во врска со истрагите на СЈО

Соопштение на Врховниот суд за одржување седница по повод иницијативите во врска со истрагите на СЈО

М.В