/ Прочитано:

804

Јавното обвинителство ги следи евентуалните нерегуларности при изборите

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија формираше привремена Комисија за следење евентуални противправности поврзани со извршување на кривични дела од Главата шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите на 21 април 2019 во првиот круг и на 5 мај 2019 година во вториот круг.

„За претседател на Комисијата е определен Џелал Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Во привремената Комисија членуваат по еден јавен обвинител од четирите виши јавни обвинителства и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.

Проактивното и превентивно дејствување на Јавното обвинителство поврзано со претстојните избори е во насока на приоритетно постапување за извршени изборни нерегуларности. Комисијата на дневна основа ги следи сите настани поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите и секаде каде што ќе оцени дека има индиции за сторени кривични дела поврзани со изборите ќе ги известува пониските основни обвинителства со насоки за итно постапување.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија преку привремената Комисија за следење на евентуални противправности ги повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на изборите да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса izbori@jorm.gov.mk“, известуваат од Обвинителството.

М.В