/ Прочитано:

1.511

Клубот на оратори и Правниот факултет при УГД објавуваат повик за учество на Ораторската вечер

Клубот на оратори, заедно со Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, распишуваат повик за 9. Ораторска вечер. Овој настан се одржува традиционално секоја година, а целта е студентите да ги покажат своите ораторски способности и јавно да зборуваат на теми кои сметаат дека треба да ги актуализираат.

Право на учество имаат сите студенти на Универзитетот, а натпреварувањето е во категорија слободни говори. Пријавувањето може да се направи на електронските адреси dimitar.apasiev@ugd.edu.mk и elena.ivanova@ugd.edu.mk. Повеќе информации на www.facebook.com/club.na.oratori.ugd“ информираат од Универзитетот „Гоце Делчев“.

Минатата година, Теодора Новеска, студент по новинарство, беше победник на осмата Ораторска вечер на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Теодора имаше говор за проблемите во македонското здравство.

„Македонија веќе со години се наоѓа на врвот на листата со најголема смртност во Европа, и тоа со бројка двојно повисока од европскиот просек.  Реалноста ни удира шамар секој пат кога на телевизорот ќе видиме трагични судбини на родилки кои умреле давајќи нов живот, а иронично, не така одамна, една бивша власт се расфрлаше со реклами за зголемување на наталитетот. Државата, пак, која патем се декларира како социјална, постојано ни кажува колку тоа добро јавно и бесплатно  здравство имаме. А ние знаеме дека не е ни јавно, а ниту пак бесплатно. Каква е таа дрскост да ни подарувате нешто што ни е гарантирано со Устав?“, истакна Новеска во својот говор.

М.В