/ Прочитано:

3.378

Kругот на роднини незаконски проширен во правилник кој се однесува на спречувањето судир на интереси

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот: „втори братучеди“ од алинејата 3 и на делот: „братучеди на вашиот брачен другар“ од алинејата 5 од делот: „III.2 Ангажман на блиски лица“ од 4. страница на Изјавата за интереси, содржани во Правилникот за формата и содржината на образецот на изјава за интереси.

Во иницијативата се цитира членот 3 алинејата 5 од Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/2007, 114/2009, 6/2012 и 153/2015), според кој „блиски лица“ се лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има приватен интерес.

„Имајќи ја предвид законската одредба, подносителот на иницијативата смета дека во образецот на изјавата за интереси незаконски бил проширен кругот на субјекти, односно роднини за кои се барале податоци и кои биле наведени во образецот на изјавата. Имено, кај роднините по крв во странична линија биле наведени и вторите братучеди (според подносителот – шести степен на сродство), додека кај роднините по сватовство биле наведени и братучедите на брачниот другар (втор степен на сродство имале браќата и сестрите на брачниот другар, но не и братучедите на брачниот другар) со што се проширувал кругот на роднините предвидени во Законот. Ова од причина што во Република Македонија, степенот на сродство се пресметувал според бројот на раѓања на начин подробно опишан во иницијативата по однос на правата и страничната линија на сродство“, се вели во решението на Судот.

Оспорените одредби, велат од Судот, може да се стават под сомнение во однос на нивната согласност со членот 8 ставот 1 алинејата 3 и членот 51 од Уставот, како и во однос на членот 3 алинејата 5 од Законот за спречување на интереси. Ова од причини што прописите мораат да бидат во согласност со Уставот и законите, а со доуредувањето очигледно е излезено надвор од законските рамки.

М.В