/ Прочитано:

4.325

Меѓународен ден на Ромите: Заложби во борбата против дискриминацијата

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на Ромите. За Меѓународен ден на Ромите 8 април официјално е прогласен во 1990 година на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска.

На конгресот претставници на Роми од 14 држави донесоа одлуки за знаме, химна, за прогласување на ромскиот јазик и за воведување на терминот Ром. На Првиот конгрес на Роми во Лондон во 1971 година, ромскиот јазик е деклариран како официјален јазик на сите Роми во светот.

По повод Меѓународниот ден на Ромите денеска во Собранието ќе се одржи настан на тема „Предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија“, во организација на Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ .

Во Собранието е поднесена и Резолуцијата за подобрување на положбата на Ромите. Собранието на Република Северна Македонија, се вели во Резолуцијата, ја поттикнува Владата  на Република Северна Македонија детално да го разгледа имплементирањето на законите и другите акти кои го уредуваат ромското прашање и заедно со пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да преземат ефективни политики  за подготовка на законски решенија со стандарди на Европската Унија и нивно хармонизирање со меѓународни норми и стандарди заради унапредувањето на  регулативата за заштита од дискриминација.

Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Северна Македонија, Музафер Бајрам, вели дека од круцијална важност е имплементацијата на Националната стратегија за Роми, која ги опфаќа реалните потреби на Ромите во областите на образованието, домувањето, вработувањето и здравството. Тој  повикува на уште повисока граѓанска свест и одговорност кон потребите на ромската заедница во нашето општество.

„Владата цели да постигне социјална кохезија и еднаков развој и е цврсто определена да гради инклузивно општество, со што ќе овозможи целосна социјална интеграција и на Ромската заедница“, истакна министерот во обраќањето по повод Меѓународниот ден на Ромите.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права со жалење констатираат дека, во нашата држава, расната дискриминација е директно или индиректно насочена кон граѓаните припадници на ромската заедница.

„Комитетот веќе подолго време прибира податоци и разгледува барања од страна на граѓани, припадници на ромската заедница за нивно етикетирање, таргетирање и нееднакво третирање. Ромите, како ранлива група, многу често се жртви на повеќекратна дискриминација и имаат ограничен пристап до социјални, здравствени и образовни услуги“, велат од Хелсиншкиот комитет, од каде што ја потенцираат заложбата и посветеноста во борбата против нееднаквиот статус и третман во Република Северна Македонија, насочени кон потполна елиминација на расната дискриминација.

Поднесена Резолуција за промени и подобрување на положбата на Ромите

М.В