/ Прочитано:

3.394

Најстрогиот федерален затвор во САД

Во областа Флермонт Каунти во близина на Флоренс, Колорадо, се наоѓа административната установа со максимално обезбедување „Флоренс“, или во јавноста позната како „АДХ“, која популарно ја нарекуваат и Алкатраз на Карпестите Планини. Во затворот кој е пуштен во употреба во ноември 1994 година, казна затвор издржуваат 410 машки затвореници. Секој од нив е обезбеден со 6 нивоа на безбедност. Затворениците се сметаат за опасни за државната безбедност и не е препорачливо дури и да се стават во затвор со максимално обезбедување.

Најчести затвореници се предводници на криминални банди, терористи, како на пример Разми Јусеф кој со други лица планирале бомбардирање на Светскиот трговски центар во 1993 година, Тајлер Бингам од групата „Ариевско братство“ која се организира низ затворите во САД, Захарија Мусауи, единствениот осуден за нападите од 11 септември и други.

Чувањето на осудените лица во „АДХ“ се одржува по пат на административна сегрегација која значи отуѓување од другите затвореници и тоа 23 часа дневно, додека преостанатиот 1 час од деноноќието можат да го искористат во отворена надворешна ќелија, дење или ноќе. Во тој еден час, тие може да вежбаат, да се посветат на хигиена, да остварат телефонски повик и слични слободни активности, додека постојано се придружувани од 3 до 5 чувари.

За начинот на обезбедување на затворениците и за строгоста во затворот говори и податокот дека кога им се служи храна, тоа се прави во ќелијата одделно од другите, при што не им се остава остар прибор за јадење за да не се повредат намерно или да не се самоубијат.

Затворот се простира на површина од 15 хектари со капацитет од 490 ќелии на 160 километри од Денвер и 60 километри од градот Колорадо Спрингс. Најголем дел од него се наоѓа на површината додека единствениот дел кој се наоѓа под земја е коридорот што ги поврзува мобилните блокови, во кои се сместени затворениците, со централниот дел од затворот. Секоја од ќелиите каде што затворениците го поминуваат времето е со големина од 3.5 м должина и 2 м ширина, со мал прозорец од 10 см со поглед кон небото. Има и туш-кабина, кревет, стол, маса и ВЦ-школка, а добиваат и можност да гледаат телевизија доколку покажат добро поведение.

За затворот може да се дознае и од книжевните и филмските  серијали, како што е оној на писателот Џејмс Патерсон и неговиот фиктивен лик Алекс Крос, или пак од ТВ-сериите „Бегство од затворот“, „Хаваи 5-0“и „Правда и ред“, во кои е прикажан дел од начинот на живот во затворот.

С.М.