/ Прочитано:

5.815

Објавен текстот на Предлог-законот за Специјалното јавно обвинителство – се предвидуваат нови надлежности на СЈО

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се трансформира во Специјално јавно обвинителство и продолжува да ја врши својата надлежност претходно определена со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Ова се предвидува во новиот Предлог-закон за Специјалното јавно обвинителство, кој го објави Министерството за правда. Текстот на Предлог – законот може да се коментира на следниот линк.

Во Предлог-законот, меѓу другото,  се пропишува дека Специјалниот јавен обвинител по објавен оглас  го избира Советот на јавни обвинители за време од пет години, од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Јавните обвинители во Специјалното јавно обвинителство по објавен оглас на предлог на Специјалниот јавен обвинител ги избира Советот на јавни обвинители од редот на избраните јавни обвинители на неопределено време.

Специјалниот јавен обвинител за својата работа одговара пред Јавниот обвинител на Република Македонија.

Специјалниот јавен обвинител ќе поднесува извештај до Јавниот обвинител на Република Македонија и Советот на јавни обвинители на секои шест месеци за неговите активности, вклучувајќи и опис за напредок во која било истрага или гонење преземено од Специјалниот јавен обвинител.

Јавните обвинители во Специјалното јавно обвинителство за својата работа одговараат пред Специјалниот јавен обвинител.

Во Законот се предвидува автономија на СЈО. Специјалниот јавен обвинител го претставува Специјалното јавно обвинителство, раководи со неговата работа и ги врши правата и обврските определени со овој закон, со Законот за кривичната постапка и со Законот за јавното обвинителство.

Специјалниот јавен обвинител е самостоен да истражува и гони кривични дела за кои е надлежен. Специјалниот јавен обвинител може да основа истражен центар.

Јавниот обвинител на Република Македонија има право на Специјалниот јавен обвинител да му дава општи упатства заради заштита на основните права и слободи на луѓето и  граѓаните, заштита на интересот на државата и примената на законите. Општи упатства се даваат во пишана форма и со образложение.

Јавниот обвинител на Република Македонија не може да преземе гонење или преземање на поединечни дејствија во предметите во надлежност на Специјалниот јавен обвинител,  односно да дава предмет од надлежност на Специјалниот јавен обвинител на друго јавно обвинителство или да овласти друго јавно обвинителство да презема поединечни работи.

Јавниот обвинител на Република Македонија и колегиумот на Јавното обвинителство на Република Македонија не може да се донесуваат упатства и насоки кои се однесуваат на работата на конкретни предмети на Специјалниот јавен обвинител.

Јавниот обвинител на Република Македонија одлучува по барање за изземање на Специјалниот јавен обвинител и доколку го изземе од постапување по конкретен предмет определува конкретно јавно обвинителство кое ќе постапува по тој предмет. Специјалното јавно обвинителство се основа за целата територија на Република Македонија.

Во Предлог-законот се пропишува дека Специјалниот јавен обвинител е овластен и надлежен да истражува и гони:

„- кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите извршени во периодот меѓу 2008 и 2015 година,

– кривични дела извршени од Претседателот на РМ, поставените амбасадори и други претставници на РМ во странство и именувани лица од Претседателот на РМ, избрани или именувани функционери во и од Собранието на РМ, во и од Владата на РМ, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет на РМ, Советот на јавните обвинители на РМ, избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје, и одговорни лица во политички партии против: изборите и гласањето од Глава шеснаесетта на Кривичниот законик; животната средина и природата од Глава дваесет и втора од Кривичниот законик; културното наследство и природните реткости од Глава дваесет и четврта од Кривичниот законик; јавни финансии, платен промет и стопанство од глава дваесет и петта од Кривичниот законик; државата од глава дваесет и осма; вооружените сили од Глава дваесет и деветта; службената должност од Глава триесет од Кривичниот законик; јавниот ред од Глава триесет и три од Кривичниот законик и кривично дело Неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица од член 42 од Законот за заштита на сведоци и

– кривично дело Давање на лажен исказ од член 367 став 3 и 4 од КЗ, Спречување на докажување од член 368, Незаконито влијание на сведоци од член 368 –а од КЗ, Присилба према правосуден работник од член 375, Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 од КЗ, ако овие дела се сторени во врска со постапки кои ги води Специјалното јавно обвинителство.“

Министерството за правда подготвува Закон за Специјалното јавно обвинителство

М.В