/Прочитано:

362

Одржана јавна расправа за нацрт-текстот на Предлог-законот за прекршоците

Стопанската комора на Македонија, во соработка со Министерството за правда, организираше јавна расправа за нацрт-текстот на Предлог-законот за прекршоците, на која освен претставниците на бизнис-заедницата, учество зедоа и членовите на работата група која учествуваше во подготовката за законот.

Д-р Татјана Штерјова, советник на Управниот одбор на Комората, ја изрази благодарноста до Министерството за правда за одржувањето на јавната расправа, на која бизнис-заедницата имаше можност да ги изнесе своите видувања, коментари и сугестии во однос на предложените законски решенија, како и за присуството на голем број од членовите на работната група која учествуваше во подготовката на текстот на законот.

Штерјова истакна дека Законот за прекршоци, како општ и системски закон има големо значење за работењето на деловните субјекти од причина што тој е основата на која се засноваат прекршочните одредби во неколку стотици посебни закони, кои ќе треба да бидат усогласени со Законот за прекршоците по неговото усвојување. При тоа, посочи дека доследната примена на законите и другите прописи во современи услови е неопходна за обезбедување на нормално функционирање на пазарот од причина што за постоење на поволно деловно опкружување како неопходност се поставува потребата од соодветно применување на прописите со кои се уредува однесувањето на сите активни чинители на пазарот – тоа не само што ќе доведе до спречување на нелојалната конкуренција и справување со сивата економија, туку и ќе влијае поттикнувачки за деловните субјекти да го унапредуваат своето работење, но истовремено доколку системот за контрола на однесувањето на субјектите на пазарот функционира несоодветно или пререстриктивно, во себе крие опасност да предизвика контраефекти и да стане кочничар на економскиот развој.

Петар Мирковиќ, државен советник во Министерството за правда, пред присутните накратко ги изложи предложените решенија во нацрт-текстот на Предлог-законот за прекршоците, со напомена дека предложените решенија сè уште се во работна верзија. Посочи дека со предложеното законско решение се надминуваат некои од слабостите на постојниот Закон за прекршоците (Службен весник на РМ бр. 124/15), вклучувајќи ги следните прашања: можноста со посебните материјални прописи да може да се пропишуваат глоби за прекршоци надвор од рамките утврдени со Законот за прекршоци како општ пропис и системски закон; воведувањето на двостепеност во прекршочната постапка во рамките на државната управа, со формирањето на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка; непочитување на начелото non bis in idem, односно постоењето на можноста за исти дејствија да биде изрекувана прекршочна санкција од страна на различни прекршочни органи кои постапуваат врз основа на различни материјални закони; можноста за двојно казнување на трговец поединец (како правно лице и како одговорно лице во ТП); функционирањето на мандатниот платен налог, против кој не постои можноста да биде изречен правен лек.

Мирковиќ даде краток преглед на клучните измени во предложеното законско решение, вклучувајќи го изречното нормирање на забраната за двојно изрекување на санкции, допрецизирањето на начелото на законитост и воведувањето на начелото на пропорционалност, уредувањето на висината на глобите за физички лица и за правни лица, критериумите за одмерување на глобата за правно лице, можностите за ублажување на глобите, ревидирањето на постапките за порамнување и за спогодување, роковите за застареност, како и разграничувањето на судските и административните прекршоци.

Претставниците на бизнис-заедницата присутни на настанот ги изнесоа своите предлози, забелешки и коментари во однос на нацрт-текстот на Предлог-законот за прекршоците. При тоа, се дискутираше за примената на опомената како прекршочна санкција и за потребата почесто да биде изрекувана, особено кога станува збор за ситуации кога прекршокот е сторен по прв пат.

Исто така, беше посочено дека е потребно да се уреди можност за ослободување од санкција на сторителот на прекршокот во ситуациите кога прекршокот е направен под особено олеснувачки околности и кога станува збор за прекршок за кој е предвидена глоба од помала вредност, а субјектот кој го сторил прекршокот самиот го воочил и презел дејствија за да ги отстрани недостатоците во своето постапување или на друг начин да ги санира последиците во краток рок, и самиот му укажал на надлежниот орган за тоа, како и да се предвиди можност за нормирање на прекршок од мало значење.

Присутните дискутираа и за предвидените лимити на глоби кои можат да бидат изречени на правни лица, при што беше покренато прашањето за тоа кои се условите и критериумите за разграничување на определени сектори/дејности за кои се предвидуваат повисоки износи на глоба која може да биде изречена, и беше укажано на потребата да се ревидираат предложените износи во насока на нивно намалување.

На крајот, беше заклучено предлозите, сугестиите и забелешките изнесени на настанот да бидат проследени до Министерството за правда и до работната група која работи на подготовка на нацрт-текстот на новиот закон, а практиката на одржување на настани од ваков тип да продолжи и во иднина.

Измени на Законот за прекршоци чија цел е намалување на прекршочните глоби

М.В