/ Прочитано:

2.496

Планирањето на јавните набавки: Помеѓу потребите и реалноста

 

Центарот за граѓански комуникации објави документ кој се однесува на планирањето на јавните набавки во Македонија. Во документот за јавни политики се говори за состојбата и проблемите што треба да се надминат во врска со унапредувањето на фазата на планирање на јавните набавки.

Во таа насока, во документот како проблеми се истакнуваат честите менувања на плановите за јавни набавки, слабата реализација на плановите за јавни набавки, тајноста на плановите за јавни набавки, несоодветната процена на вредноста на набавките и лошата временска рамка на набавките.

Во однос на проблемите посочени во документот, исто така, има и конкретни предлози за унапредување на фазата на планирање на јавните набавки:

Да се донесе нов правилник за формата, содржината, но и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавки. Во него треба да се дадат поконкретни насоки во однос на обезбедувањето на навременоста во спроведувањето на постапките за јавни набавки и потребата од консултации на пазарот во насока на утврдување на проценетата вредност на набавките која одговара на пазарните цени. На овој начин, институциите ќе бидат принудени посериозно да пристапат кон утврдување на почетокот на спроведувањето на постапката, како и кон пореално утврдување на проценетата вредност.

Новиот правилник за формата, содржината, како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавки треба да предвиди обврски за институциите да го менуваат планот и во случаи кога вршат измени на проценетата вредност на набавката. На овој начин ќе се засили притисокот за правилно проценување на вредноста на набавките уште од самиот почеток кога се носи планот за јавна набавка, а воедно ќе им се овозможи и на засегнатите страни соодветно да бидат информирани за сите промени.

Институциите да развиваат свои подетални упатства за пресметка на проценетата вредност на набавките, што ќе им овозможи да ги земат предвид спецификите на различните сектори и нивоа на власт, а оттука и природата на набавките кои ги спроведуваат (здравство, градежништво, нови технологии и сл.).

Плановите за јавни набавки треба да ги одразуваат потребите, но и реалните финансиски можности на институциите на национално и на локално ниво.

Сите институции треба да воведат систем за следење на реализацијата на плановите. На овој начин ќе се овозможи подобрување на реализацијата на плановите за јавни набавки, а ќе се влијае и врз намалување на честите промени на плановите.

Воедно, системот за следење на реализацијата на плановите ќе им овозможи на задолжените за јавни набавки да ги земат предвид искуствата од реализацијата на плановите од претходните години во изготвувањето на новите планови.

Честата промена на плановите треба да биде еден од индикаторите за управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки, предвидена со новиот Закон за јавни набавки.

Плановите за јавни набавки да се објавуваа на веб-страницата на институциите. Со оглед на тоа што плановите за јавни набавки за 2019 година ќе се донесуваат во време кога новиот Закон за јавни набавки, којшто ја предвидува транспарентноста на плановите, нема да биде стапен на сила, потребно е институциите по сопствена иницијатива да го сторат тоа.

Притоа, освен плановите, потребно е да се објавуваат и сите измени и дополнувања на плановите, на начин што ќе овозможува увид и следење на направените промени.

За да ѝ се овозможи на јавноста да ја следи реализацијата на плановите за јавни набавки, потребно е институциите да даваат прецизен опис на набавките, наместо да наведуваат општи активности/категории, како на пример изградба и реконструкција на улици, набавка на софтвер и сл.

Утврдување на потребата од набавката уште при изготвувањето на планот за јавни набавки. Имено, во согласност со новиот Закон за јавни набавки во насока на подобрување на целисходноста при трошењето на парите на даночните обврзници, предвидено е во одлуките за јавни набавки да се наведе и потребата од набавката. Со ова би се избегнале злоупотреби од набавка на стоки, услуги и работи кои не им се потребни на институциите, но кои се набавуваат заради остварување некаква лична корист или чијашто набавка значи нерационално трошење на јавните средства.