/ Прочитано:

2.441

Подобрувањето на правните услуги – процес кој трае и се развива

За прашања поврзани со модернизација на правните услуги, нивното подобрување и развој, канадскиот адвокат Рон Фридман, вели дека растот на адвокатурата повеќе зависи од културата на правниците и од промена во менаџирањето отколку од технологијата што се применува. Адвокатот Фридман е поборник на употребата на напредни софтвери кои го олеснуваат работењето во адвокатските канцеларии и смета дека тие алатки набргу ќе бидат квалитетна замена за здодевните мејлови кои секојдневно се трупаат во електронска и печатена форма.

Рон Фридман е адвокат и консултант во „Фајрмен & Компани“ – консултантска фирма со канцеларии во Торонто и во Онтарио, Канада,  која се занимава со унапредување на традиционалното работење на компаниите, истражување на пазарот, креирање стратегии и изготвување анализи. Неговата експертиза е насочена кон помош и обука на адвокатите, а воедно им дава и совети за нивните проблеми со кои се соочуваат во практиката и менаџирањето на бизнисот.

Во интервју за порталот „Легалтрек“, тој одговара на прашања поврзани со модернизација на правните услуги, нивното подобрување и развој. Тој вели дека растот на адвокатурата повеќе зависи од културата на правниците и од промена во менаџирањето отколку од технологијата што се применува.

Адвокатот Фридман  е поборник на употребата на напредни софтвери кои го олеснуваат работењето во адвокатските канцеларии и смета дека тие алатки набргу ќе бидат квалитетна замена за здодевните мејлови кои секојдневно се трупаат во електронска и печатена форма. Комуникацијата треба да се насочи само кон важните прашања и во случај кога се работи на проекти. За таа цел општеството мора да мисли како на напреден начин да го олесни целокупното работење.

Со оглед на своето 25-годишно работно искуство, Фридман смета дека адвокатите многу тешко се приспособуваат на иновациите и бавно ги прифаќаат промените во технологијата, за разлика од докторите, архитектите итн. Иако промените генерално се тешки за повеќето луѓе и за адвокатите во целина, тие мора да размислуваат напредно, за да ги променат менталитетот и начинот на управување со правниот пазар.

Барем во наредните 10 години мора да се подобрат правните услуги. Тоа, пред сѐ, значи разбирање на проблемите на клиентите, нивно соодветно решение со ефективни средства и редовна комуникација со клиентот во врска со текот на неговиот предмет што е земен во работа.

Сето тоа изгледа просто на хартија, но тој смета дека имплементацијата може да трае со години, што подразбира многу труд, вложување интелектуални капацитети, ангажирање вистински професионалци и подобрување на процесите.

Во општество што се стреми кон погодни услови за водење бизнис, предуслов е рушењето на системот на касти и создавање погодна клима за влез на инвеститори, промена во регулативата, безбедноста на државата, добра политичка клима, инфраструктура итн. Адвокатите во такво окружување треба да соработуваат меѓу себе, а не да се делат по разни основи.

С. М.