Правните предмети не се доволно застапени во средното образование
Правниот факултет при УГД преку својата неодамна формирана мрежа, со средните училишта во Македонија, организираше симпозиум на тема „Мрежата за демократија и владеење на право преку образование“.
Настанот се одржа на Правниот факултет при УГД, а беа присутни претставници на средни училишта од целиот регион.
На симпозиумот беше истакнато дека правните предмети се недоволно застапени во средното образование и дека е потребно е повеќе да се изучуваат темите кои се однесуваат на владеењето на правото и на човековите права.
„Тоа што го констатиравме на минатиот состанок со мрежата што ја формиравме беа, меѓу другото, и проблемите кои се однесуваат на недоволната застапеност на правните предмети во гимназиите и во средните стручни училишта, пред сѐ економските. Тука е и недоволната застапеност или распределеност на предметите кои припаѓаат во општествените науки. Тоа предизвикува и недоволен интерес на учениците кон овој тип на образование“, изјави деканот на Правниот факултет, проф. д-р Јован Ананиев.
Деканот Ананиев образложи дека мрежата има цел да бидат повеќе застапени во постојните предмети темите што се однесуваат на демократијата, владеењето на правото и на човековите права.
„Средното образование е местото каде што државата ги образува и ги креира нашите идни граѓани“, нагласи деканот Јован Ананиев.
М.В