/ Прочитано:

2.313

Предложен закон за отпишување на камати за наплата на одредени долгови на граѓани

Група пратеници во Собранието на РМ поднесоа Предлог на закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални  дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште.

Целта на законот е отпишување на каматите на граѓаните кои се во неповолна ситуација како должници по основ на услуги од вршители на комунални дејности (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, трошоци за редовно одржување на заеднички делови на зграда што се во етажна сопственост)  и за услуги кои се дават на корисници на вода од страна  на вршителот на водостопанска дејност (наводнување и одводнувања).

Со предложените законски решенија, се вели во законското образложение, ќе им се реши проблемот на голем број граѓани кои не по своја вина се јавуваат како должници на услуги од вршители на комунални  дејности (електрична и топлинска  енергија, вода и смет),  телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, и за кои постојат решенија за извршување издадени од суд, заклучно со 1 јули 2011 година, трансферирани кај нотар или извршител.

Во законското образложение се вели дека илјадници семејства  во  Република Македонија се жртви на процедурите за наплата, кои поради тоа што се оптоварени со низа недоследности  завршуваат на нивна штета.

„Имено, во согласност со законските решенија за долгови стари и по една деценија, за кои граѓаните воопшто не знаеле, сега се наплатуваат  десеткратно повисоки суми од страна на извршители. Во целата постапка постојат  проблеми на повеќе нивоа – граѓаните добиваат сметки за наплата на долгови кои датираат од деведесеттите, а доверителот е секогаш во право затоа што долгот навистина постои. Не постои начин како да се заштитат граѓаните. Станува збор за илјадници предмети кои стоеле во судовите. Најмногу тужени се за парично побарување по фактури за услуги од вршители на комунални дејности (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, трошоци за редовно одржување на заеднички делови на зграда што се во етажна сопственост)  и за услуги кои се дават на корисници на вода од страна  на вршителот на водостопанска дејност (наводнување и одводнувања)“, се посочува во образложението.

М.В