/ Прочитано:

3.220

Работници се соочуваат со проблемот „плата во плик“

„Фајнанс тинк“ објави нова  публикација за феноменот „плата во плик“, застапен во работните односи. Целта на оваа публикација е да стави под светло податоци за квалитетот на животот во Македонија.

17,8% од работниците во Македонија, кои имаат формален договор за вработување, добиле плата во плик во 2017 година.

„Плата во плик“ е плата исплатена во готовина врз основа на неформален (незаконски) устен договор помеѓу работникот и работодавецот.

Со платата во плик работодавците заштедуваат во износот на даноци и социјални придонеси што ги плаќаат на државата. За работниците ова е начин на неправедно плаќање и намалување на обемот на нивното социјално, здравствено и пензиско осигурување, како и вештачко намалување на кредитната способност.

Примателите на минимална плата се најпогодени од феноменот „плата во плик“

Платата во плик е најзастапена кај примателите на минимална плата. 62% од работниците осигурени на минимална плата добиваат и плата во плик. Притоа, во просек, платата во плик изнесува речиси исто колку и формалната плата на сметка (91%). Ова укажува дека постојат сектори и занимања во кои постои тенденција договорот за вработување да се склучи на минималната плата, со истовремен неформален договор остатокот од платата да се добива во готовина.

Платата во плик е најзастапена кај мајсторите од различен вид

23,2% од мајсторите во металната, машинската, текстилната и прехранбената струка, како и 21,5% од работниците во услужните дејности примаат плата во плик.

Таа плата е во просек една третина од нивната формална плата. Ваквиот наод е во линија со застапеноста на минималната плата кај овие занимања.

До сличен заклучок се доаѓа ако платата во плик се набљудува низ призмата на секторите на дејствување. Платата во плик е најзастапена кај работниците во градежништвото (мајсторите) со 28%. Притоа, платата во плик изнесува речиси половина од нивната формална плата. Потоа следуваат работници во услужните сектори.

Според податоците, платата во плик не е карактеристична за одредена возрасна или родова група. Работниците во Скопскиот Регион имаат највисока плата во плик.

М.В