/Прочитано:

327

Република Македонија на Индексот за перцепција на корупцијата се наоѓа на многу ниско место

Република Македонија на Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл за 2018 година се наоѓа на многу ниското 93. место од 180 рангирани држави. Македонија  има 37 од можни 100 поени и се наоѓа многу под 50 поени и подолу од половината рангирани држави.

„Порастот од само 2 поени донесе подобрување во рангирањето за 14 позиции, но тоа воопшто не треба да се смета за добар резултат или за подобрување. Тоа сè уште е за 27 места во споредба со 2014 година. Оваа година подобрувањето не се должи на работата на институциите надлежни за борба против корупцијата, а сè уште има назадување во работата на судството, кое претставува пречка за економски развој и во извештаите се смета за кочница на извршната власт. Напредокот оваа година има две основни компоненти: Работата на Специјалното јавно обвинителство и партиципативноста во процесите за градење на политики и донесување на нови закони, што ја подобри сликата за демократизација во државата, како предуслов за подобрување во борбата против корупцијата“, вели Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнл Македонија

Во годините што претстојат, додава Тасева, неопходни се натамошни суштински реформи во сферата на борбата против корупцијата, пред сè избор на соодветен кадар кој ќе има интегритет и знаење да се справи со проблемот кој, освен што ги загрозува основните човекови права, ги загрозува економијата, демократијата и владеењето на правото, а со тоа и мирот, безбедноста и опстанокот на државата.

Инаку, Индексот за перцепција на корупцијата во 2018 година, објавен денеска од Транспаренси интернешнл, открива дека континуираниот неуспех на повеќето држави за значително да ја контролираат корупцијата придонесува за криза на демократијата во светот.

„Со многу демократски институции под закана низ целиот свет – често од страна на лидери со авторитарни или популистички тенденции – треба да направиме повеќе за да го зајакнеме системот на проверки и рамнотежа и да ги заштитиме правата на граѓаните”, изјави денеска Патриша Мореира, генерален директор на Транспаренси интернешнл.

„Корупцијата jа оневозможува демократијата, создава маѓепсан круг, каде што корупцијата ги поткопува демократските институции и за возврат слабите институции се помалку способни да ја контролираат корупцијата“, додаде Мореира.

М.В