/ Прочитано:

15.974

РЕШЕНИЕ НА УСТАВНИОТ СУД: Присуството на адвокат во постапката пред нотар обезбедува правна сигурност на граѓаните

Според Уставниот суд на Република Македонија, обврска во постапката пред нотарот исправите за правната работа да содржат адвокатски печат и потпис, како и присуство на адвокат, не претставува повреда на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

„Присуство на адвокат во постапката пред нотарот не е во спротивност со принципот на владеење на правото, туку напротив тоа е со цел обезбедување на правната сигурност на граѓаните“, истакнуваат од Уставниот суд.

Ова се наведува во решениетo на Уставниот суд за неповедување на постапка за одредби од Законот за нотаријатот. Имено, со иницијативите до Уставниот суд  се оспорува ставот 4 на членот 30 од Законот, како и член 55, став 2 и член 56, став 3, за кои одредби во Иницијативата се посочува дека ги повредувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот во смисла на член 8, став 1, алинеја 1 од Уставот.

Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни норми, истакнуваат од Уставниот суд, како и на одредбите од Законот за нотаријатот, сметаме дека изнесените наводи во иницијативите во однос на член 30 став 4, член 55 став 2 и член 56 став 3 од Законот за нотаријат се неосновани.

„Ова е така од причина што, според Судот, од содржината на оспорениот член 30 од Законот, јасно и недвосмислено произлегува интенцијата на законода­вецот за заштита на слободите и правата на граѓанинот во постапката пред нотарот, кој има обврска при солемнизација да ја потврди само веродостојноста на потписите. Но, што се однесува до содржината на правните акти, со вака пропишаните одредби се обезбедува поголема правна сигурност од причина што адвокатот во смисла на одредбите од Законот за адвокатурата, гарантира за содржината на правниот акт, имено дека тој ги содржи сите потребни елементи кои се неопходни за нивно склучување, дека нивната содржина ја инволвира волјата на странките за нивно склучување, по кое се врши солемнизација, како втора фаза, од страна на нотарите, што е всушност во нивна надлежност.

На овој начин, адвокатите во согласност со член 18 од Законот за адвокатурата ставаат свој потпис и печат на секоја исправа и поднесок, со што се гарантира дека содржината на правниот акт е во согласност со позитивната законска регулатива на Република Македонија. Ова е така дотолку повеќе што со Законот за адвокатурата се предвидува и одговорност за адвокатот за причинета штета на странките во случај на незаконски составен акт, на кој начин странките се заштитени и од одговорност за штета причинета од адвокатите. Оттука, велат од Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативите дека со оспорените законски решенија се повредувале основните права и слободи на човекот и граѓанинот, туку напротив, според Судот, тие на овој начин се заштитуваат и се обезбедува нивната правна сигурност во постапката пред нотарот.

Понатаму, Уставниот суд смета дека присуство на адвокатите во постапката пред нотарот е обезбедување и давање правна помош. Во  членот 3 од Законот за адвокатурата, посочуваат од Судот, правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен бранител, составување исправа за правни дела, составување договори за основање, партнерство, се работат и слични акти во врска со основните или работење на деловните субјекти, составување поднесоци во судска и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица, одбрана на осомничените и обвинетите лица и вршење други работи на правна помош.

„Во членот 4 од Законот за адвокатурата, се предвидува дека јавните овластувања меѓу другото се состојат во вршење на правните работи, правно составување исправи со изјава за потврда на факти, освен за залог за подвижни предмети и права и хипотека, потврдување заклучоци на собранија на трговските друштва, здруженија на граѓани, фондации и други правни лица и заверување на адвокатско полномошно. Во ставот 2 на членот 4 од овој закон, се предвидува дека во вршењето јавни овластувања адвокатот остварува службени контакти и соработка со судовите, органите за внатрешни работи, други државни органи и организации или други институции кои вршат јавни овластувања и правни лица во текот на целото работно време“, образложуваат од Уставниот суд.

Во врска со наводите истакнати во иницијативите дека наведените финансиски правни лица во оспорениот член 55, став 2 од Законот биле ставени во привилегирана положба, не само спрема граѓаните на Република Македонија, како физички лица и договорна страна на едно правно дело, туку и спрема другите правни лица, Судот оцени дека се неосновани.

„Ова е така од причина што во случајов задолжителното присуство на адвокат во постапка пред нотар при составување на нотарски акти и потврдување на приватните исправи не се однесува само кога како учесници во постапката пред нотар се јавува Република Македонија, банки, осигурителни друштва или лизинг компании, односно за овие субјекти не е потребно присуство на адвокат, од причина што во случајов се работи за правна работа за која според Законот за нотаријат не е задолжително постоење на нотарски акт кој треба да се потврди кај нотар, поради што и не е нужно присуство на адвокат, а во зависност на вредноста на правната работа, која определба е во надлежност на законодавецот кој креира норми“, посочуваат од Уставниот суд.

Во однос на наводите во иницијативите дека во оспорените законски одредби каде што се врши определување кај кои правни лица има исклучок за обврска за ангажирање на адвокат, според Судот, тие не се основани и не е сторена повреда на членот 9 од Уставот на Република Македонија, односно не се доведуваат наведените правни лица во привилегирана положба, како што се наведува во поднесените иницијативи.

„Ова е така од причина што Судот оцени дека не постојат во овој случај дискриминација и доведување во нееднаква правна положба на останатите правни лица и граѓани од причина што сите правни лица немаат ист – еднаков општествен статус затоа што не вршат иста дејност. Во случајов се работи само за правни лица кои вршат дејност од областа на финансиите, поради што имаат и различен, поинаков третман, од другите правни лица според Законот за нотаријатот. Имено, не може да стане збор за нееднаквост, бидејќи за да има еднаквост во правата, правните и други лица треба да имаат и еднаков статус, што не е случај со конкретните оспорени законски одредби“, се вели во решението на Уставниот суд.

М.В