/ Прочитано:

1.537

Родово одговорно буџетирање значи создавање еднакво општество

Денеска во Скопје започна регионалната конференција за родово одговорно буџетирање, насловена како „Буџетирај еднакво – буџетирај за жените и мажите“.

На денешната конференција беше нагласено дека околу 18 проценти од своите бруто домашни производи земјите од Западен Балкан ги губат поради невклучувањето на сите жени на пазарот на труд. Средствата потрошени од буџетите на земјите не овозможуваат родова еднаквост, а со тоа и не создаваат еднакви можности за сите. Затоа е потребно имплементирање на родово одговорно буџетирање како инструмент за контрола на тоа како се трошат државните ресурси.

Според Луиза Витон,  постојан претставник на УНДП во Македонија, многу е лесно да се зборува за еднаквост, но приоритетите на општеството се гледаат според тоа каде се трошат парите.

Заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, истакна  дека Министерството за финансии го стави родово одговорното буџетирање во основните документи, како во новата фискална стратегија 2019 – 2021 со иницијативи за унапредување на родовите показатели и индикатори. Тоа, подвлече Елези, значи дека буџетските корисници ќе треба да внимаваат парите да бидат родово еднакво потрошени.

На денешниот настан министерката Царовска нагласи дека вклучувањето на родовата перспектива во политиките, стратешките планови и буџетите е еден од приоритетите. Притоа, сите кои се вклучени во буџетското планирање мора да бидат свесни дека  населението не е хомогена група, а алоцираните средства треба да одговорат на потребите на сите граѓани.

„Родово одговорното буџетирање не е прашање на борба помеѓу мажите и жените. Напротив, тоа е прашање со кое ние создаваме еднакво општество, во кое ги распределуваме финансиските средства на поправеден начин. Родово одговорното буџетирање е алатка што итно треба да ја воведеме и во органските закони, но и во практиката. Нема да кажам дека е тоа лесно и едноставно или дека ќе се случи утре, но сите заедно се заложивме од првиот ден и работиме тоа да стане реалност во нашата држава“, истакна Царовска.

Министерката посочи дека со „УН Вимен“ сe дискутира и за потребата за регионален центар за споделување на знаења за родово одговорно буџетирање. Со оглед на посветеноста на Влада на РМ на родовите прашања, нашата земја би можела да го менаџира овој пат, и на тој начин заеднички да ја развиваме економијата и човечкиот капацитет во регионот.

М.В