/ Прочитано:

4.666

Трендови во поглед на специјализацијата на судството од областа на трговските спорови

Во трудот „Трендови во поглед на специјализацијата на судството од областа на трговските спорови“ авторите проф. д-р Горан Коевски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први” при УКИМ, и проф. д-р Дарко Спасевски, вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први”, при УКИМ, прават анализа на трендовите на развој на специјализацијата на судовите во областа на трговските спорови.

Преку анализата, авторите ги поставуваат аргументите ‘за’ и ‘против’ специјализација на судството во оваа правна област. Исто така, авторите ги анализираат моделите на специјализација на судството. Посебно внимание во трудот се посветува на анализа на искуствата на САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Швајцарија и Холандија, како и на земјите од регионот, Србија, Хрватска и Црна Гора.

Македонското правосудно искуство во оваа област се анализира во двата периоди на развој, и тоа периодот пред укинувањето на трговските (стопанските) судови и периодот по укинувањето.

Специјализацијата на судството во различен облик, истакнуваат авторите во трудот, зазема сè поголем опфат во рамките на правосудниот систем. Како што се наведува во извештајот од март 2012 година на работната група на Советодавното тело на европски судии (Working Party of the Consultative Council of European Judges – CCJE): „Главна причина за специјализација на судството е зголемената специјализација на самото право и растот на сложени правни односи.”

Покрај тоа, како причина за специјализација на судовите се наведува и општествениот контекст, односно барањето на општеството судовите да покажат поголема експертиза и ефикасност.  Исто така, како причини за специјализација на судовите и судите се наведуваат и процесите на специјализација што постојат во адвокатурата и во обвинителството.

Глобализацијата на трговските односи се рефлектира и во специјализацијата и глобализацијата на судството во областа на трговските спорови. Се работи за специјализирано трговско судство кое е насочено да опфати што поголем број на спорови со странски елемент, за коишто се претпоставува дека би биле насочени пред арбитражна институција. На тој начин ваквата специјализација претставува конкуренција на арбитражното решавање на споровите.  Овој процес започнува во Велика Британија, а продолжува во Франција, Германија, Белгија и Холандија.