/ Прочитано:

15.318

УКИМ ѝ додели награда на Маја Вељанова за најдобро дипломиран студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска на свечена церемонија додели награди и пофалници на најдобро дипломираните студенти во учебната 2014/2015 година.

„Почитувајќи ја речиси седумдецениската традиција, со овој свечен чин, Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје им оддава должно признание на најдобро дипломираните студенти на нашиот универзитет за нивните успеси постигнати во текот на студирањето“, беше истакнато на почетокот на церемонијата на која се обрати и ректорот на УКИМ, д-р Никола Јанкуловски.

Истакнувајќи дека наградените студенти се први меѓу еднаквите кои со својата посветеност даваат исклучителен придонес во македонското образование, ректорот на УКИМ им честиташе на најдобрите студенти, посакувајќи им понатамошни професионални успеси.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ѝ додели награда и пофалница на Маја Вељанова, како најдобро дипломиран студент во учебната 2014/2015 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Маја Вељанова на Правниот факултет „Јустинијан Први“ дипломираше со просек 10.00. За време на студиите, Вељанова беше и претседател на ЕЛСА – Република Македонија.

„Вредностите на правната држава и демократскиот развој се вредности што треба да бидат негувани од сите правници, бидејќи тие се темелите на добро владеење на правото. Негувањето на вредностите секогаш резултира со почитување на прописите, а тоа е од супстанцијално значење за секој што треба да го заштитува правниот поредок“, истакна Вељанова како претседател на оваа организација.

Во својот напис за потребата од инвестирање во најдобрите, Вељанова, пак, посочи дека нејзината водилка е храброста на Сократ и Платон, а врвен идеал  чувството за праведност во време кога слободата на говор е уставно загарантирана категорија и темелна вредност.

М.В