/ Прочитано:

2.761

10 ГОДИНИ КОМОРА НА ИЗВРШИТЕЛИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Денеска се одбележа свечен јубилеј по повод 10-годишнината од основањето на Комората на извршители на РМ. Извршувањето е една од најуспешните реформи во македонскиот правосуден систем, а воведувањето на системот на извршување го оправда своето постоење и ги положи сите испити во изминатите 10 години, беше нагласено на денешниот свечен настан.

akad 2

„Изминаа десет години од денот кога првите именувани извршители ја одржаа првата средба и ја основаа Комората на извршители на Република Македонија. Почит од сите нас за основачите кои го поминаа трнливиот пат на докажувањето дека извршувањето е столб на секој правосуден систем“, истакна претседателот на Комората на извршители, Зоран Петрески.

akad 2

Петрески нагласи дека извршувањето е една од најуспешните реформи во македонскиот правосуден систем и потенцираше дека со новиот Закон за извршување, кој ќе почне да се применува од 20 август годинава, сите недостатоци и проблеми кои се појавуваа изминатите десетина години ќе се решат.

akad 2

На свечената академија се обрати и претседателката на Меѓународната унија на судски извршители, Франсоа Андро, која го поздрави денешниот јубилеј изразувајќи задоволство дека македонските извршители и македонската Комората на извршители успешно функционираат, како што и во знак на обединувањето на извршителската дејност на денешниот настан присуствуваат претседателите и претставниците на коморите на извршители на Србија, Албанија, Бугарија, Косово и Црна Гора.

akad 2

Министерот за правда Валдет Џафери истакна дека воведувањето на извршителите во македонскиот правен систем било револуционерно решение кое го оправдало своето постоење, покажувајќи дека новиот систем за извршување е функционален и ефикасен  и дека во иднина со новиот Закон за извршување сите противречности и проблеми ќе се надминат.

akad 2

Во насока на новите решенија во новиот Закон за извршување, говореше и заменик-министерката за правда Билјана Бришкоскa-Бошковски, која нагласи дека една од основните цели на новиот закон е поефикасно остварување на правата на граѓаните, на правните лица и на сите учесници во постапката.

akad 2

За соработката помеѓу Адвокатската комора и Комората на извршители говореше претседателот на АКРМ Никола Додевски, кој посочи дека во практиката адвокатите и извршителите имале одлична соработка и изрази уверување дека таквата позитивна практика ќе продолжи и во иднина. Задоволство од заемната соработка искажа и претседателката на Нотарската комора на Република Македонија Зорица Пулејкова, која оцени дека функционирањето на извршителите подразбира ефикасен правосуден систем кој ги следи европските стандарди.

akad 2

Државниот секретар во Министерството за финансии Игор Димитров рече дека извршителите се клучна алка во правосудниот систем, но и во економскиот систем, особено во однос на функционирањето на деловните субјекти за кои правната сигурност е од исклучиво значење. Елена Милевска-Штрбевска од Стопанската комора на Македонија рече дека постоењето на организираната Комора на извршители не е императив само за Македонија и за нејзиниот правен систем, туку е императив на секој современ правен систем, чија пак ефикасност е иманентна за работењето на компаниите.

akad 2

На настанот се обратија и поранешните претседатели на Комората на извршители Горан Тошевски, Антонио Коштанов, Гордан Станковиќ, кои говореа за десетгодишниот развој на извршувањето во Република Македонија, за функционирањето на Комората на извршители и за тоа низ какви предизвици се соочувала таа во нејзиното профилирање во македонскиот правен систем и во општеството.

akad 2

Во рамките на јубилејот им беа доделени плакети на извршителите кои со своето дејствување го одбележаа десетгодишниот развој и етаблирање на извршителската професија и на Комората на извршители, а утре ќе се одржи меѓународна конференција на тема „Актуелни правни ризици и предизвици во извршувањето“.

М.В