/ Прочитано:

1.023

10 години од ратификување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост

Конвенција за правата на лицата со попреченост (КПЛП) претставува меѓународен договор за човекови права на Организацијата на Обединетите нации наменет за заштита на правата и достоинството на лицата со попреченост. Текстот на КПЛП беше усвоен од страна на Генералното Собрание на ОН на 13 декември 2006 година и отворен за потпишување на 30 март 2007 година. Од октомври 2017 година КПЛП има 160 потписнички и 175 договорни страни, и вклучува 172 држави и Европската Унија.

Од договорните страни на КПЛП се бара да промовираат, заштитуваат и обезбедат целосно уживање на човековите права од страна на лицата со попреченост и да обезбедат целосна законска рамноправност. Воедно, КПЛП ги афирмира концептите за попреченост како флексибилни и еволутивни концепти што подлежат на континуиран развој. Исто така, КПЛП претставува првиот официјален меѓународен инструмент што ја разгледува попреченоста низ призмата на човековите права и се залага за замена на застарениот медицински модел со социјалниот модел.

„Република Северна Македонија ја потпиша Конвенцијата на Организацијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост на 30 март 2007 година, а ја ратификуваше пред точно десет години, на 5 декември 2011 година. На 29 јули 2009 година, нашата држава го потпиша Факултативниот протокол кон Конвенцијата, кој беше ратификуван заедно со Конвенцијата. Нашиот Устав, како највисок правен акт, предвидува дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Ова значи дека одредбите содржани во КПЛП се директно применливи кај нас. Дотолку повеќе, за нашите судови е предвидена обврска да судат врз основа на Уставот и законите и ратификуваните меѓународни договори, што значи дека ќе се создава судска практика во областа на заштитата на лицата со попреченост“, соопштуваат од Хелсиншкиот комитет.

Поддршка во заедницата и пристап до правда

„И покрај тоа што во земјава постојат релативно добри законски решенија со кои се пропишани правата на лицата со попреченост, како и стандардите за обезбедување на пристап до јавните добра и услуги, нивната примена е се уште на многу ниско ниво, почнувајќи од физичкиот пристап до самата инфраструктура, па се до користење на јавните услуги, што се уште претставува сериозна пречка за секојдневното општествено функционирање на лицата со попреченост, но и на лицата кои се грижат за нив“, се наведува во соопштението на Комитетот.

Меѓународен ден на лицата со попреченост

М.В