/ Прочитано:

1.744

12 ГРАЃАНИ МЕЃУ СУДИЈАТА И ОБВИНИТЕЛОТ: Адвокатите иницираат воведување американски систем на порота во македонските судови

Воведувањето на американскиот систем на порота во македонските судови е темата која за првпат вчера на тркалезна маса ја отвори Адвокатската комора на РМ (АКРМ). На настанот своите искуства ги презентираа правни експерти од САД, а освен адвокатите, учествуваа и судии и обвинители. Според претседателот на АКРМ, Никола Додевски, станува збор за прашање што ќе се разгледува во иднина доколку државата утврди дека е делумно или целосно применлив тој систем и во македонски услови и дека е  во интерес на демократизација на процесите на унапредување на правата на обвинетите.

„Идејата за отворање на оваа тема произлегува од фактот што ние веќе една година го применуваме новиот Закон за кривична постапка, којшто е поставен на сосема различни основи отколку претходниот систем и којшто, меѓу другото, е изграден токму врз искуствата од Соединетите Американски Држави. Во нашиот актуелен систем е направена комбинација во која недостига елементот порота. Во природата на адвокатурата е да бара отворање на што е можно повеќе теми кои би придонеле за фер судење и унапредување на правата на странките во постапката и особено еднаквоста. Дали е тоа применливо и возможно во практика се прашања кои допрва ќе ги дискутираме“, вели Додевски.

Првиот човек на македонската Адвокатска комора посочува дека сегашната поставеност на поротата во македонското законодавство е симболична и нема круцијално значење.

„Се работи за систем кој е тотално различен од оној во САД, каде што поротата исклучиво самостојно одлучува за вината на обвинетите. Кај нас поротниците се на некој начин помошници на судијата, кој одлучува и за вината и за казната. Рано е да се каже дали во Македонија може да се примени буквално пренесен систем, но категорично тврдам дека  секое решение што може да доведе до унапредување на правата на странките, до демократизација и  до унапредување на независноста на судскиот систем е имплементирачко и применливо“, категоричен е Додевски.

Поротата одлучува за вината, а судијата за казната

Главно обележје на американскиот систем на порота е тоа што поротата утврдува факти и одлучува за вината, додека судијата одлучува за примена на правото. Поротата е достапна во повеќето кривични и во некои граѓански предмети. Во кривичен предмет вообичаено има 12 поротници кои ја носат одлуката едногласно.

„Процесот на селекција на поротниците мора да биде транспарентен и фер. Поротниците се избираат од возачките дозволи и од избирачките списоци. Лицето кое првично е повикано за поротник, задолжително мора да се пријави. Нема изговор да не се пријавите“, појасни Елизабет Гивенс, програмски директор на Американската адвокатска комора и на Балканската регионална мрежа за владеење на правото.

Откако граѓаните ќе бидат повикани, следува процесот на селекција. И одбраната и обвинителот носат одлуки за избор на порота.

„Двете страни ги испитуваат поротниците и која било страна може да спречи одреден кандидат да биде избран за поротник и притоа не мора да ги објасни причините за тоа. Сепак, практиката на Врховниот суд забранува спречување на избор врз основа на дискриминација. Јас, како одбрана, ќе се погрижам да нема поротник кој е емоционално поврзан некако со делото. Ова им е единствената шанса на двете страни да поразговараат со поротниците. Во Калифорнија, на пример, имате шанса 10 пати да одбиете кандидат за поротник, во помалите случаи 6 пати, ако се работи за смртна казна тој процес е многу почувствителен. Исто така се избираат и заменици на поротниците, во случај поротникот да се разболи и сл.“, вели Гивенс.

Поротата е пасивна и страните во постапката не смеат да им се обраќаат на поротниците бидејќи можат да бидат обвинети за погрешно однесување. Како што појаснија американските претставници, се оди дотаму што на поротниците им се забранува да пребаруваат податоци за сведоците на Интернет, да разговараат со партнерите во врска со детали од предметот итн. Доколку адвокатот или обвинителот забележи недозволено однесување кај поротник тоа може да го обжали пред повисокиот суд.

„Вакви случаи има во практика. Доколку постои убедување кај вас дека има несоодветно однесување, тогаш тоа можете да го изнесете пред апелациониот суд“, истакна Гивенс.

Должност на судијата е на обичен јазик да им ги даде инструкциите на поротниците, подготвени и од одбраната и од обвинителството, во врска со специфични елементи од постапката.

„Често знае на апелација да се укине одлуката зашто на поротата не ѝ биле објаснети поединости од предметот на едноставен јазик токму поради тие инструкции. На пример, доколку има очевидец во предметот, мора да им се појасни неговата улога. Пред донесувањето на одлуката тие се состануваат во посебно одредена соба и таму разговараат за предметот. Еден од членовите на поротата е  претседател. Доколку, од одредени причини и нејасности при одлучувањето, поротниците се најдат во ќорсокак, тоа му се пренесува на судијата преку претседателот. Ако не можат да донесат одлука , тогаш поротата се распушта и постапката почнува од почеток. Еднаш кога ќе се донесе ослободителна пресуда, нема назад, завршува судењето“, посочи Гивенс.

„Кога ќе внесете порота, го отворате прозорецот. Не велам дека системот е совршен, но мислам дека поротата е еден од најбитните фактори зошто ние имаме правичен систем“, потцрта таа.

Баланс наспроти моќта на државата, но и скап систем кој одзема многу време

Најголем недостаток на вака поставениот систем на порота, според американските искуства, е дека одзема многу време и дека е прилично скап.

Според Марк Ласер, виш правен советник при Амбасадата на САД во Македонија, сепак позитивните придобивки од вака поставениот систем на порота се далеку побројни отколку негативните.

„Поротата може да биде поподложна на предрасуди, како што е расната дискриминација, но, од друга страна, ги внесува вредностите на заедницата во судскиот процес. Истражувањата покажуваат дека обичниот граѓанин е добар при донесувањето одлуки во поедноставни работи, како што е прашањето дали некој ја зборува вистината, за разлика од покомплексните работи, како вештачењето“, вели Ласер.

Тој истакнува дека многу битно обележје на овој систем е балансот наспроти моќта на државата.

„Некои на поротата гледаат како на проверка на моќта на државата. Бидејќи поротниците се граѓани и се издвоено тело и не се толку подложни на влијанија, како судиите“, истакнa Ласер.

„Доколку некој политичар во САД се обиде да побара укинување на судската порота тој никогаш повеќе нема да биде изгласан.  До сега немало политичар кој се обидел да укине порота. Историски гледано, поротата е дел од општественото живеење во САД“, додаде тој.

Правниот експерт, меѓудругото, го објасни начинот на кој функционира т.н. Голема порота, која моментно трпи негативни критики поради неодамнешните одлуки да не се поведе обвинение против припадниците на полицијата за инцидентите во Бруклин и Фергусон, што предизвикаа нереди и протести низ САД.

„Големата порота е тело од 16 до 23 граѓани кои имаат улога да обвинат и да истражат. Судијата не е присутен во оваа постапка, туку само обвинителот. Поротата одлучува, вообичаено со 12 гласови „ЗА“, дали постои стандардот на сомнение (probable cause) кој е потребен за да се поднесе обвинение.  Во текот на оваа постапка, која е тајна, можат да се повикуваат сведоци и да се разгледуваат докази. Големата порота не ја користат сите јуриздикции во САД. Постојат и подготвителни рочишта, но САД е единствената земја каде што се користи оваа порота. Во моментов е критикувана во случаи со злоупотреба од страна на полицијата. Кога обвинителот настапува пред Големата порота, најголем дел од случаите завршуваат со обвинение, но тоа ретко се случува кога полицијата е дел од постапката. Според одредени аргументации, тоа се должи на необјективноста на обвинителот, која произлегува од соработката со полицијата“, појасни тој.

Томас Расел, обвинител од САД, тргнувајќи од сопственото искуство, истакна дека ваквиот систем бара исклучително добро подготвени обвиненија.

„Поротата налага уште еден стандард: aко немаме доволно цврсти докази, нема да поведеме обвинение“, укажа тој.

Меѓутоа, што се случува со малите средини, каде што сите се познаваат меѓусебно, беше едно од прашањата  на кои се дискутираше.

Според искусниот обвинител и правен советник во АБА „РОЛИ“ Македонија, токму условот што предвидува испрашување на поротниците од двете засегнати страни на еден начин е филтер за да се спречи пристрасност.

„Верувајте  ми, многу се совесни. Постојано се зборува за таа пристрасност и на нивните состаноци. Нашите искуства покажуваат дека на избраните граѓани им е чест да бидат поротници“, вели Расел.

Грузиско искуство

„Грузија премина во акузаторен систем. И таму велеа, сите се познаваат меѓусебно, како може да има порота. Аргументираа дека ќе има одмаздувања, дека е скап систем и дека одзема многу време. Сепак, Грузија во 2011 година, по долгогодишни подготовки, воведе порота, а искуствата се позитивни“, презентирајќи документарен филм за грузиското искуство, порача програмската директорка на Американската адвокатска комора, Елизабет Гивенс.

Поротата – најбитна алка на акузаторниот систем

Адвокатите што присуствуваа на дебата се согласни дека вака поставениот систем на порота може да има позитивни импликации врз македонското правосудство.

„Ова е еден последователен и природен тек на воведување на новиот ЗКП, во кој, како акузаторен систем, недостасува најбитната алка за адвокатите – непристрасноста во донесувањето на одлуките во судот преку ваков систем на порота. Не зборуваме за тоа дали може во Македонија да се имплементира, меѓутоа мораме да ја отвориме оваа тема оти тоа еден неизоставен дел на акузаторниот систем. Мислам дека е добро и природно адвокатите да ја наметнат оваа тема за да видиме што може и дали може да се имплементира. Поротата во Македонија е имитација на оваа порота. Тие имаат право на глас, меѓутоа многу малку се користи нивниот глас во текот на донесувањето на одлуките“, вели скопскиот адвокат Мирослав Вујиќ.

На сличен став е и  Ружица Николовска, адвокат од Скопје.

„Морам да нагласам, како адвокат, а сметам дека и голем број мои колеги ќе се согласат со мене, дека ова преставува навистина една одлична идеја која треба да се имплементира и да заживее во нашиот правен систем. Зошто? Пред сè зашто воведовме еден комплетно нов систем на кривична постапка во Република Македонија. Веќе имаме судења по новиот ЗКП  и сметам дека ваквата порота во практика би имала многу големо влијание. Пред сè ќе имаме правна сигурност во целокупниот правен систем, но истовремено ќе се влијае многу во борбата против корупција“, истакнува Николовска.


Автор: Eлена Павлловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 19.12.2014