/ Прочитано:

1.548

12 светски жени лидери со пораки до владите на глобално ниво

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, учествува на седницата на одборот на Глобалниот комитет на жени лидери. Од овој настан Комитетот, кој соработува со претседатели на држави и влади на глобално ниво, ја адресира пораката за изедначување на третманот на жените. Арсовска е член на одборот на Глобалниот комитет, во кој членуваат 12 светски влијателни жени, под водство на Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела.

Членовите на Комитетот на жени лидери се глобално етаблирани, влијателни личности, кои со својата решителност и храброст во различните области на дејствување: бизнис, уметност, политика, претприемништво, дипломатија, презеле значајни мерки за подобрување на улогата и местото на жената. Арсовска е член на одборот како резултат на интернационалните достигнувања и функцијата во највисоката позиција во раководството на Светската коморска федерација  која раководи со над 12.000 стопански комори глобално, како една од 3 жени во светот.

Мандела, како жена лидер на 21 век, истакна дека предизвикот за зајакнување на светската економија е во што поголемо учество на жените на пазарот на труд.

„Како жени треба да почнеме да се поддржуваме и да овозможиме секоја жена која тоа го заслужува да го добие своето место во општеството. Кога ја отпочнав својата мисија, моето лично искуство беше во доменот на политиката, но не и во претприемништвото, за што ми беше потребен ментор. Владите треба да им овозможат поддршка на жените претприемачи, а тоа често е декларативно, потребни се конкретни чекори“, изјави Мандела.

Арсовска на седницата на одборот истакна дека и покрај тоа што прашањето за еднакви можности е ставено на агендите на владите низ светот, сепак, предизвикот останува главно нерешен, а напредок во последните децении на светско ниво е ограничен. Таа смета дека квотите кои постојат во јавниот сектор се доказ дека доколку институционално не се наметне овозможувањето на еднакви услови за напредување, тогаш жените тешко дека ќе постигнат еднаков третман.

„Удираме силно по стереотипите и ги кршиме на ситни парчиња. Глобалниот комитет на 12 жени лидери има македонски претставник, со што докажуваме дека малите земји кои се во развој не се незначајни во глобалните текови. Успеавме со професионални постигнувања кои никој не може да ги оспори, да се позиционираме и пред претставници на големите и силни економии, кои имаат поголема финансиска и политичка поддршка. Ова е мотив за новите генерации да стекнат свест и храброст да придонесат за глобални промени и целиот свет да го препознае тоа. Исто е и во однос на прашањето на родовата еднаквост, мора со храбри одлуки и со решителни чекори да се кршат стереотипите според кои жените се помалку вредни и значајни. За секоја позиција главен критериум да не биде родот, туку да се инсистира на меритократија и квалитет“, вели Арсовска.

На седницата се дискутираше за предизвиците на денешницата, со конкретен стратешки план за дејствување во следните две години. Во рамките на официјалната посета на Истанбул,  Арсовска е и панелист на Глобалниот самит на жени лидери, каде што на високо ниво се присутни повеќе од 500 еминентни личности од политиката, економијата и науката на светско ниво.