/ Прочитано:

1.143

13 лица под истрага за криумчарење мигранти

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица, македонски државјани, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење мигранти“ предвидено и казниво по членот 418-в став 1 и 2 и кривично дело „Криумчарење на мигранти“ по членот 418-б став 3 во врска со став 4 и став 2 од Кривичниот законик.

„По четиримесечна предистражна постапка под раководство на надлежен јавен обвинител, денеска во соработка Министерството за внатрешни работи е спроведена координирана акција за спречување на организирана група за вршење на кривични дела поврзани со криумчарење мигранти. Извршени се претреси во 12 објекти во Скопје, Гевгелија и Валандово и лишени се од слобода девет лица.

Криминалната група која брои 14 члена од кои еден е НН лице, има дефинирана структура и строга хиерархиска поставеност, а воедно е поврзана и со грчки криминални структури. Оваа група во периодот од мај до крајот на септември од нашата јужна граница долж Повардарието до Кумановско-липковскиот Регион, а потоа кон север спровела 395 мигранти од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот Исток. Меѓу мигрантите имало 18 деца. Откако ќе биле прифатени мигрантите од страна на членовите на групата биле сместувани во автомобили или багажните простори на автомобилите и со брзина од над 200 км/час биле превезувани до договореното место, притоа загрозувајќи го сопствениот живот, животот на мигрантите и на другите учесници во сообраќајот. За пренесување, прифаќање, засолнување и превоз на мигрантите биле наплаќани од 180-250 евра, при што членовите на оваа група за споменатиот период се стекнале со значителна противправна имотна корист од околу 150.000 до 200.000 евра.

Ценејќи дека се исполнети законските услови, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за деветмината лишени од слобода во денешната акција. Еден од осомничените е на издржување на казна затвор за друго кривично дело, едно осомничено лице е под истрага и во притвор за истото кривично дело во Р.С.Македонија, а едно во притвор во Р. Србија. Еден осомничен не е достапен на органите на прогонот“, соопштуваат од Обвинителството.

М.В