/Прочитано:

1.712

15 ГОДИНИ ГОЛГОТА: Судењето за убиството на тројцата полицајци од Арачиново никако до епилог

Судскиот процес за убиството на тројцата полицајци Кирил Петрушевски, Ерол Готак и Ацо Ангеловски, што се случи пред 15 години на влезот на скопското село Арачиново, никако да добие судски епилог. Во изминативе години се променија неколкумина судии и обвинители што работеа на предметот, а двајца обвинети починаа. Незадоволни поради одолжувањата, роднините посочуваат дека постојано некој не се појавува на судењето

Денешното рочиште се одложи по барање на Обвинителството поради неодложни обврски на застапникот на обвинението.

Од Судскиот совет посочија дека побарале дополнителни информации од МВР што конкретно да преземат за да може се спроведе реконструкција на убиство, со оглед на временскиот распон и промената на теренот.

Во тројното убиство што се случи на 11 јануари 2000 година, за кое првично им се судеше на седуммина, сите добија ослободителни пресуди поради немање докази, но Апелациониот суд по жалбата на Обвинителството ја укина првостепената пресуда. Токму спроведувањето на нова реконструкцијата на убиството е дел од упатствата на повисокиот суд.

На повторената постапка, Скопското обвинителство поднесе обвинителен акт и за уште едно лице, Емрула Емрулај. Во меѓувреме, од седумтемина обвинети, двајца починаа, а за еден е запрена постапката, па сега Судот им суди на  Лирим Динарица, Рамиз Асани, Муча Бајрами и Емрула Емрилај, кои моментно се бранат од слобода.

Роднините: И оваа постапка не води кон целта

Незадоволни поради одолжувањата, роднините посочуваат дека постојано некој не се појавува на судењето. Според нив, ниту оваа постапка не води кон целта. Велат  дека по завршување на процесот ќе бараат нова истрага. „Нашата голгота, на родителите, продолжува по судските коридори и можеби ќе дочекаме некаква одлука, меѓутоа ние во тоа не веруваме. Можеби нас ќе не нема, но ние ќе оставиме аманет и други ќе ја продолжат борбата за вистината“, велат роднините на убиените.

Одбраната: Недостига уште многу за да се утврди целосната фактичка состојба

Според обраната, недостигаат уште многу аспекти за да се утврди целосно фактичката состојба. Адвокатите појаснуваат дека треба да се чека снег за да се обезбедат услови за реконструкција, но и дека целата инфраструктура е изменета.

„Далеку од тоа дека не е преземено ништо. Направено е многу, но фали уште многу за да се утврди потполна фактичка состојба бидејќи се работи за едно тешко обвинение за кое знаете е предвидена и казна доживотен затвор, што значи треба големо внимание голема прецизност. За некого да осудиш на доживотна робија мора да се има сигурни докази и апсолутно да е докажано“, истакнува адвокат Мирјана Иванова-Бојаџиева.

Судот: Се постапува по упатствата на Апелација

Од  Основниот суд Скопје 1 појаснуваат дека во најскоро време ќе го достават мислењето до МВР за да може да се спроведе реконструкција, односно просторот на кој се случило убиството да се адаптира за да наликува приближно на оној од пред 15 години. Оттаму велат дека постапката се одложувала поради отсуство на некоја од странките, а најчесто поради отсуство на обвинетите.

„Што се однесува до досегашните одлагања на предметот, најчесто станувало збор за отсуство на некој од обвинетите, односно од странките. Треба да се има предвид дека се постапува по упатствата на второстепениот суд и дека треба да се преземат сите дејствија со цел да се утврди материјалната вистина во овој предмет. Ние сочувствуваме со болката на семејствата, но како и да е, Судот мора да ги почитува законските правила при водење на една постапка“, потцртува Дејан Ристовски, портпарол на Основен суд Скопје 1.

Според Обвинителството, обвинетите во доцните часови од заседа ги застрелале полицајците Петрушевски, Ангеловски и инспекторот Готак, кои на влезот од селото учествувале во акција за пронаоѓање украдени луксузни автомобили. Тројцата полицајци биле изрешетени од автоматско оружје. Единствено четвртиот полицаец, инспекторот Горан Новковски, инаку клучниот сведок, односно оштетен во случајот –  остана жив.

Првообвинетиот Динарица во истражна постапка го призна делото и во детали го опиша настанот, но на судењето го смени исказот, велејќи дека признанието во истрагата го дал под присилба.

Судскиот процес на почетокот се одвиваше под силно полициско обезбедување и беше најавуван  како еден од најголемите судски прoцеси во историјата на Македонија.


Елена Павловска / pavovskae@akademik.com.mk

Објавенo: 6.02.2015