15 години Комора на извршители: Дигитализација на извршувањето е следниот предизвик, вели претседателот Ванчо Марковски
Комората на извршители го одбележа 15-годишниот јубилеј од нејзиното основање. Комората на извршители е основана на 7 јуни 2006 година на Основачко собрание на Комората на извршители, на кое се избрани органите на Комората предвидени со Законот за извршување. Прв претседател на Комората е Горан Тошевски, а по него следуваат Антонио Коштанов, Гордан Станковиќ, Зоран Петрески и Зоран Димов. Актуелен претседател е извршителот Ванчо Марковски.
На свечениот настан по повод јубилејот присуствуваа претседателите на коморите на извршители од регионот, претставници од правосудството, универзитетски професори, претставници од институциите, како и министерот за правда, кој во воведното обраќање го нагласи значењето на Комората и на извршителите за македонскиот правосуден систем. Извршителите, потенцираше министерот за правда, се важна алка при спроведувањето на правдата во државата.
Претседателот на Комората на извршители, Ванчо Марковски, истакна дека почетоците на извршителите во Македонија биле храбри, а првиот Закон за извршување бил револуционерен чекор. Со овој реформски закон, посочи Марковски, во државата се воведе приватен систем на извршување на извршните исправи од страна на извршители кои се лица со јавни овластувања именувани од страна на министерот за правда.
Тоа, истакна Маркоски, подразбираше растоварување на илјадници заостанати предмети во судството како еден од најважните аспекти за неговата ефикасност.
Комората на извршители е организација во која по закон членуваат сите извршители и нивните заменици, која се грижи за заштита на статусот и за угледот на извршителите заради зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Основни статутарни цели на Комората на извршители се унапредување, координирање и развивање на извршителската дејност, заштита на самостојноста и независноста на извршителите, континуирано стручно оспособување на извршителите и остварување на јавност и транспарентност на работата на Комората и вршењето на должноста на извршителите.
Јубилејни 15 години од основањето на Комората на извршители. Колку за овие јубилејни години Комората успеа да одговори на зададените цели прокламирани во визијата и мисијата за нејзиното основање?
Петнаесет години подоцна, слободно можам да кажам дека Комората ги исполни целите што си ги зададе со своето основање. Мисијата и визијата беше соодветна на условите на нашите почетоци. Сега, по декада и половина сме подготвени за поставување нови цели и за редефинирање на нашата мисија аналогно на новите околности. Визијата, сепак, ни останува иста и сме уште поподготвени за тој зацртан пат.
Како ја оценувате работата на извршителите во овој временски период и дали, генерално, успешно се вградија во македонското правосудство?
Извршителите постигнаа големи резултати за овој период од декада и половина во кој постоиме како самостојни вршители на должноста извршител. Иако со многу слаба поддршка од општеството, горд сум што успеавме да се избориме за свое рамноправно место во правосудниот систем.
Резултатите од работењето на извршителите за изминатите 15 години даваат слика за успешноста на нивното постоење. Наплатени се околу милијарда и пол евра пари вратени на доверителите и целосно се реализирани над половина милион извршни исправи.
Кои се позначајните активности на Комората во изминативе 15 години на домашен план, но и во сферата на меѓународната соработка?
Комората е полноправна членка на Меѓународната унија на судски извршители (МУСИ), со која имаме долгогодишна плодна соработка, поддршка за одржување на европските стандарди при извршувањето на судските одлуки. Заедно со коморите на извршители на Република Србија, Република Црна Гора, Република Бугарија и Република Албанија во 2018 година ја формиравме Балканската иницијатива за извршување, со која работиме на проект за балканска извршна исправа, за која ќе предложиме и измени во меѓународното приватно право со цел извршување во балканскиот регион без потреба од формалности за судско признавање на исправите.
На домашен план, Комората има склучено меморандуми за соработка со институции (МТСП, УВМК и др.) за олеснување на процесот на извршување сѐ со цел поефикасно и поекономично спроведување на постапките за извршување.
Кои се понатамошните предизвици и планови на Комората на извршители?
Следни предизвици на Комората се дефинитивно дигитализација на извршувањето, воспоставување на бесплатен електронски пристап до регистрите, онлајн поврзување со носителите на платен промет и најважно и конечно добивање на нови надлежности и воведување на надоместоци во Тарифата сразмерни на тежината на нашата работа.
М.В