/Прочитано:

625

15 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски

Денеска се одбележуваат 15 години од трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски. По тој повод, делегација предводена од претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе положи венец свежо цвеќе на Алејата на великаните.

„Борис Трајковски беше човек кој стоеше зад секој кажан збор, човек од доверба и голем визионер“, истакнаа учесниците на панел-дискусијата која се одржа по повод одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на вториот претседател во независна Македонија.

„Борис Трајковски се појави во време кога веќе се сметаше дека не е важно дали некој политички лидер е морален или не сè додека добро ја извршува работата. Принципите, достоинството, визијата, доблеста, вистинитоста беа ставени на маргините на македонската политичка култура, а храброста и истрајноста станаа ретка и скапа работа“, рече претседателот Иванов во своето обраќање на одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вели дека претседателот Борис Трајковски во тешката 2001 година бил еден од столбовите за зачувување на земјата таква каква што е денес, со сочувана традиција на толеранција и меѓусебно почитување, како и блиска со НАТО и ЕУ.

„Нема сомнеж дека тој покажа силно лидерство во многу тешко време за земјата и за граѓаните. Борис Трајковски, како голем водач, во еден тежок период на транзицијата, во тешки околности, покажа дека демократијата и соработката се најважни предуслови за решавање на конфликти низ целиот свет. Неговите вредности ќе останат инспирација за сите лидери“, нагласуваат државниците од регионот и странските дипломати.

Борис Трајковски е роден во Струмица во 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во 1980 година. Специјализирал деловно право и право на работни односи.

За претседател на Република Македонија беше инаугуриран на 15 декември 1999 година, наследувајќи го Киро Глигоров. Како претседател беше посветен на демократски идеали и на евроатланската ориентација на Република Македонија, а значаен е неговиот придонес во надминување на воената криза од 2001 година.

Во биографијата на претседателот Борис Трајковски, објавена од истоимената фондација, се нагласува дека претседателот Трајковски бил активен претседател, кој патувал во повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги Австрија, Белгија, Канада, Хрватска, Естонија, Германија, Литванија, Полска, Србија и Црна Гора, Швајцарија, Украина, Велика Британија и Соединети Држави. Тој одржа бројни говори на форуми како Светскиот економски самит во Давос, Советот на Европа, Обединетите нации и Процесот на соработка во Југоисточна Европа, како и на парламентите во неколку земји. Имаше еднодневни средби со шефови на влади и шефови на држави и беше лидер во регионот на Југоисточна Европа, барајќи поголема соработка и помирување. Тој беше инструмент за создавање на Јадранската повелба, соединувајќи ги Македонија, Хрватска и Албанија за колективно лобирање за членство во НАТО.

Во Македонија, претседателот Трајковски беше близок до народот на Македонија патувајќи низ целата земја, слушајќи и разговарајќи со граѓаните, избраните функционери, бизнисмени, едукатори и верски лидери. Претседателот Трајковски одржуваше одлични односи со сите членови на владата, како и со амбасадори и претставници на странски земји и организации со седиште во Македонија.

Во биографијата, исто така, се дава податок дека таткото на претседателот Трајковски, Кирил, бил затворен за неговите идеолошки и религиозни верувања во јуни 1946 година веднаш по завршувањето на Втората светска војна, каде што се борел на страната на партизаните.

„Тој првично беше затворен за период од две години, но доби амнестија во јули 1947 година. Сепак, уште две години по неговото ослободување, тој беше лишен од неговите граѓански и политички права. Иронично, за време на неговиот затворски мандат во затворот на Кале во Скопје, тој беше принуден на тешка работа, работејќи на претседателската вила која еден ден ќе стане дом на неговиот син, Борис“, посочуваат од Фондацијата.

На 26 февруари 2004 година во авионска несреќа близу Мостар, Босна и Херцеговина, на 47 години трагично загина Борис Трајковски, заедно со осуммина соработници. Авионската несреќа предизвика бројни контроверзии во јавноста.

„Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Мојата визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата“, говореше Трајковски.

М.В