/ Прочитано:

1.884

15 години поддршка на фер судења – Коалиција на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“

Коалицијата на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“ одржа настан во врска со 15-годишната поддршка на фер судења. На настанот насловен „15 години поддршка на фер судења“ беше истакнато дека во изминатите 15 години, Коалицијата успешно следеше судења со фокус на почитувањето на човековите права и слободи на граѓаните, со цел враќање на довербата на граѓаните во судските институции.

На настанот беше презентирана работата на Коалицијата преку осврт на проектите и промоцијата на правото на фер судење, како и новите предизвици со кои се соочуваат Коалицијата и целосната методологија на работа.

Исто така, на денешниот настан посебно внимание беше посветено на новиот проект кој започна да го имплементира Коалицијата „Правен, финансиски и физички пристап до правда во основните судови во Република Македонија“ кој ќе опфаќа анализа за правилна имплементација на стандардите за фер и правично судење, финансиските импликации за водење на граѓанска судска постапка, пристапот до правда на маргинализираните категории лица, но и истражување со кое ќе се изврши проценка на физичкиот пристап до правда, како пристапност до пристапни рампи/лифтови, толкувачи од знаковен јазик и Брајово писмо за судски документи.

Во врска со фер судењата, беше нагласено дека е потребна поголема јавност на судските постапки, како и поголема транспарентност на судовите. Многу повеќе се почитуваат основните права на граѓаните во однос на правичното и фер судење, но и натаму треба да се работи на борбата против организираниот криминал и корупцијата.

„Детектирано е отстапување во толкувањето и примената на законите од основните и апелациските судови, недоволно и нејасно аргументирање на пресудите, како и селективен пристап при постапувањето, особено во предмети што имаат ’политичка нота’. Селективен пристап не е изоставен и при вршењето на јавнообвинителската професија, а политичко влијание е забележано и во одлуките за избор и унапредување на претседатели на судовите и судии во повисоките судови, стои во анализата од спроведениот мониторинг“, беше образложено на настанот, на кој говореа Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“ и проектните координатори Елена Наковска и Дарко Аврамовски.

Според податоците на Коалицијата, констатирана е и нетранспарентна работа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во однос на образложенијата на нивните одлуки.

„Загрижувачки висок степен на одложени расправи и негов пораст од 30 на 60 отсто најчесто поради отсуство на обвинетиот е, исто така, еден од заклучоците во анализата каде што се бележи и зголемување од 300 проценти при одлагање на рочиштата поради отсуство на бранител, како и 250 отсто поради отсуство на јавен обвинител. Исто така, постои практика судот да не дава соодветни образложенија на причините за определен притвор“, истакнуваат од Коалицијата.

Коалицијата на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“ е невладина организација која е составена од 14 организации членки, со цел да го следи почитувањето на човековите права и слободи, особено на меѓународните стандарди за правично судење, преку разни форми на дејствување во настојувањето да се зголеми нивото на имплементирање, да се иницираат институционални и правни реформи, како и да се поврати довербата на граѓаните во судството и другите институции на системот.

М.В