15 септември – Меѓународен ден на демократијата
„Демократијата и превенцијата на конфликти“ е годинешната тема што за 2017 година ја утврди Организацијата на Обединетите нации, а по повод Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември.
По повод овој ден, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, имаше свое обраќање во јавноста.
„Од ‘зградата на светот’, пораката што ја пренесуваат владите е дека сите земји мора да работат на зајакнување на демократските институции кои ќе овозможат промоција на мир и стабилност. Ние во Македонија ова добро го знаеме. Ги учиме лекциите од непријатните моменти и конфликти кои ја загрозуваа демократијата во минатото. Денес слободно можеме да кажеме дека сите ние, граѓаните на Македонија, заедно успеавме – ја одбранивме демократијата во Македонија“, истакна Заев во денешното обраќање.
Слободна и демократска земја, додаде премиерот, значи и демократска поделба на власта. Република Македонија, како што рече тој, го одбра концептот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, кои не смеат да се преклопуваат, што е механизам кој мора да се почитува за да се ограничи државната власт и да се заштитат човековите права и слободи.
„Продолжуваме во остварување на непосредната демократија. Следуваат локални избори на кои граѓаните директно ќе одлучат на кого ќе му ја доверат довербата. Ќе обезбедиме услови за фер и демократски избори за сите граѓани на нашава земја директно да ја практикуваат најголемата придобивка на демократијата – да одлучат за себе. Секој глас е важен затоа што политиките кои ќе бидат креирани на локално ниво ги засегаат сите граѓани од општините на Македонија. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите граѓани на Република Македонија да го искористат своето право на глас на локалните избори на 15 октомври. Нека ни е честит светскиот ден на демократијата“, истакна премиерот Заев во своето обраќање до јавноста.
А. Б.