/ Прочитано:

1.533

166 медијатори за 4 години решиле само 4 случаи

Иако медијацијата е можност за растоварување на судовите и побрзо решавање на споровите, спогодувањето во земјава се уште не функционира. Не помогнаа ни последните измени на Законот за парничната постапка кои стапија на сила минатата есен, со кои судијата ги запознава странките со правото да се одлучат за медијација наместо за судски спор. 166 медијатори за 4 години успеале да решат само 4 случаи. И покрај промените на неколку закони и кампањи за промовирање на медијацијата, примената на алтернативно решавање на спорови се уште е многу ниска, ни забележаа од Европа во последниот извештај за напредокот на земјава. Наспроти поразителните бројки, интересот за медијација кај граѓаните е голем, велат за Академик од Комората на медијатори. Ако оние што имаат мака го одбираат договорот наместо судската постапка, се јавува дилемата зошто медицијата не функционира?

Спорот направи го договор, заштеди на време и пари

Медијацијата е најбрзиот, најекономичниот и најефикасниот пристап до правдата, велат од Комората на медијатори.  Може да се користи при решавање на граѓански или трговски спорови. Согласно тарифникот на медијаторите, висината на трошокот по час изнесува 15 евра. Според моделите за медијација на земјите од регионот и во Македонија, успешната медијација трае три часа, па според тарифата би чинела околу 50 евра. За разлика од судскиот спор каде што едниот добива, а другиот губи, медијацијата овозможува со постигнат договор и двете страни да се задоволни од исходот.

Планот постои, недостига негова реализација

Еден од суштинските услови да заживее медијацијата е воведување на задолжителна медијација во одредени области од правото. Во делот на малолетничка правда, семејното право и задолжителното осигурување на возилата. Засега со медијација може да се постигне договор за старателство на децата и поделба на имотот, но не може странките да се разведат.

Претседателот на Комората на медијатори, Зоран Петковиќ смета дека само задолжителната медијација се покажала како најуспешна, а тоа го потврдува и искуството на земјите од регионот и светот.

„Црногорците се покажаа како најуспешни, меѓутоа кај нив во неколку области од правото медијацијата е задолжителна. Пред четири-пет години во Црна Гора се воведе обврска сите предмети од областа на семејните односи прво да одат на медијација, а ако таа не успее, да се оди со судски процес. Таму имаше и законски измени со кои истото ќе се применува и за стопанските и работните спорови. Еден од условите да се растеретат нашите судови е да ја направиме задолжителна медијацијата, со тоа придобивка имаат и граѓаните и судовите“, вели Петковиќ.

Од Комората на медијатори велат дека има интерес кај граѓаните да заштедат време и пари и да го решат проблемот, но не е потребна само желба од една страна.

  • „Медијација сака оној што има мака, ја избегнува доверителот, знае дека нашето судство не функционира, односно има 5 години комоција во суд, додека дојде предметот до изврштел ќе поминат години, ќе продаде се, ако сака да плати ќе плател, вака ќе ја избегнува правдата“, објаснува Петковиќ.

Не е потребна само желба и промоција, за да се растеретат македонските судови од предмети, земјава треба да го следи искуството на другите земји. Комората бара воведување на комбинација на канадско-американскиот и словенечкиот концепт на медијација, кои што го имаат прифатено земјите од регионот. Бидејќи не помогнаа измените на Законот за парничната постапка, односно кога предметот со тужба ќе дојде во суд, судијата прво ги упатува странките на медијација, потребно е воведување на задолжителна медијација, велат од Комората.

  • „Американците велат, медијацијата ја решивме како задолжителна не дека бевме попаметни, туку бевме попрактични. Меѓутоа ние не можеме да  ја правиме нивната шема, не сме толку моќни, немаме кадарен капацитет, затоа се одлучивме за црногорскиот модел, делумно за задолжителна медијација, односно само во неколку области од правото“.

Преку 2000 Срби си подале рака,  заштедата на судски трошоци се изразува во милиони

Преку 2000 успешно решени случаи и заштеда на судски трошоци од 46 милиони евра – вака изгледаат резултатите од медијацијата во Србија, последниве години. Според статистичките податоци на Центарот за медијација во Белград, од 2007 година до денеска, од вкупно 3075 случаи кои биле решавани преку медијација, успено се решени  2553, а неуспешно 523 случаи.  Од  белградскиот Центар за медијација задоволни од досегашните резултати.

„Иако во првите три години имавме повеќе случаи сепак и денес состојбата не е лоша. Граѓаните ја прифатија медијацијата, заштедија пари и време. 83% од случаите ги завршивме успешно, освен заштедата на пари граѓаните останаа во добри односи, без победници и губитници, ние на преку 2000 лица им помогнавме да си ги решат недоразбирањата“.

Австралија е светски лидер за медијација во семејното право

Задолжителната медијација во австралиското семејно право досега покажала одлични резултати. Се разведуваат, делат имоти и старателство на деца без судски спорови туку со спогодбени договори. Медијацијата е доминатна пракса за разлика од парничните постапки не само поради економични причини туку и поради правата на децата и не нарушените односи меѓу членовите во семејството. Медијаторите се поделени по стручни области и тоа:

  • семејно право,
  • работни спорови,
  • трговија,
  • бизнис,
  • индустрија,
  • социјални групи и заедници,
  • спорови поврзани со домородни племиња,
  • ресторативни практики односно враќање во поранешна состојба,
  • стопанство,
  • тестаменти и имоти.

Владата ќе ја поттикнува медијацијата со субвенции

Со цел поголема примена на медијацијата, Владата на РМ најави мерка со која од почетокот на 2013 година медијацијата ќе биде субвенционирана.

До крајот на годината треба да се извршат измени во Законот за медијација и Законот за бесплатна правна помош со цел да се дефинираат услови и критериуми за субвенционирање на медијацијата од страна на државата. Рамката во која ќе се движат измените претпоставува покривање на финансиските трошоци на страните за медијација за остварување на максимум првите 4 часови од процесот на медијација, и тоа во висина од трошокот на медијацијата по час кој би изнесувал од 15 до 25 евра. Анализите и праксата покажуваат дека 4 часа се доволни за страните да се запознаат со медијацијата, да го изложат проблемот пред медијаторот кој понатаму ќе ги усмерува страните кон начинот за надминување и решавање на нивниот меѓусебен спорен однос, па и да го решат спорот. Ќе се субвенционира само медијација пред започнување на судската постапка, не онаа која би била побарана во рамките на веќе тековна судска постапка. Трошоците ќе бидат обезбедувани од Буџетот,  велат од Владата.

Во рамките на развојот на медијацијата се размислува и во определени поглавја од судските постапки да се воведе можноста од задолжителна медијација пред почнување на судска постапка. Тоа се поглавја како заштита на потрошувачи, семејни односи и  задолжително автоосигурување, истакнуваат од Владата на РМ.


Објавено: 25.10.2012