/ Прочитано:

3.210

20 години нотаријат во Република Македонија: Интервју со Васил Кузманоски, претседател на Нотарската комора

Оваа година нотаријатот во Македонија одбележува 20 години постоење. Што претставува овој значаен јубилеј за нотаријатот од аспект на развојот на македонското правосудство?

Нотаријатот во Република Македонија се востанови во текот на 1996 година, со донесување на Законот за вршење на нотарските работи, како современа јавна служба во функција на задоволување на потребите и правните интереси на граѓаните и на другите правни субјекти. Со овој реформски закон, создаден за да биде во служба на граѓаните, државата се одлучи да формира јавна служба – нотаријат, на која ѝ довери овластувања кои длабоко задираат во правата на граѓаните, притоа придржувајќи се до највисоките морални и професионални стандарди.

Првите нотари во Република Македонија почнаа со работа на 15 јуни 1998 година, а набргу потоа, во август истата година, беше основана и Нотарската комора на Република Македонија, со цел да ја претставува професијата пред државните органи, која со текот на времето стана чувар на професионалниот углед и на честата и национална нотарска институција по која се препознаваат нотарите. Всушност, започнувањето со работа на првите именувани нотари де факто значеше воведување на една нова институција во правниот систем на државата – нотаријат, кој на 15 јуни годинава навршува успешни 20 години постоење и функционирање.

Со воведувањето на нотаријатот требаше да се остварат одредени цели, поточно да се олесни правниот промет, да се овозможи давање на правни услуги кои порано не беа давани, да се придонесе во зголемувањето на правната сигурност и намалување на споровите, да се растоварат судовите и управните органи од неспорни постапки.

Од оваа временска дистанца, после 20 години, анализирајќи ги придобивките од функционирањето на нотаријатот во Република Македонија како дел од правосудниот систем, рамо до рамо со останатите чинители, несомнено може да се заклучи дека неговото воведување позитивно се одрази врз целокупното функционирање на правниот систем во државата. Придобивките што се резултат на воведувањето на нотарската служба се бројни и по својот карактер се суштински. Неговото воведување како модерен јавен сервис на граѓаните, на државните органи, на правните лица и на другите заинтересирани субјекти успешно одговори на потребата за остварување на побрза, поефикасна и поевтина заштита на правата и правните интереси, олеснување и побрзо одвивање на правниот промет, зголемување на правната сигурност и секако растоварување на правосудството по пат на избегнување на спорови врз основа на нотарските акти и по пат на пренесување на одредени надлежности на нотарите, првенствено од областа на вонпарничното постапување. Со еден збор, воведувањето на нотаријатот како јавна служба имаше позитивен ефект на севкупното функционирање на правниот систем на Република Македонија. Сето тоа се должи на добро организираната нотарска служба, во која нотарите, како носители на таа јавна служба во практиката, обезбедуваат квалитетна, експедитивна и економична јавна услуга.

Докажаниот статус на етаблирана и кредибилна служба, која успешно ги извршува функциите од својот домен, се гледа и преку широкиот круг на надлежности што ги имаат нотарите како вршители на јавна служба, а кои во континуитет ги добиваат од страна на државата. Нотарите позитивно одговорија и на тој предизвик, а тоа се должи на фактот што досегашната практиката покажува дека нотаријатот навистина успешно ги извршува своите надлежности и досега покажува позитивни резултати во однос на зголемените надлежности.

За периодот на 20-годишното функционирање направена е анализа за работењето на нотарите од каде што се гледа дека нотаријатот во Република Македонија успеал да изврши огромен обем на различни видови нотарски работи, кои презентираат импресивни податоци. Токму тие податоци се најголемата потврда за ефикасноста и квалитетот на извршената работа на нотаријатот, квалитетот на нотарските акти и нотарските службени дејствија. Со грижата за континуирана едукација на нотарите од страна Нотарската комора, со вршењето надзор над работата на нотарите е изграден цврст бедем на законитост и правна сигурност. Со работата на нотаријатот за овие 20 години, всушност значајно се подобри легалитетот на правниот живот и промет, а тоа значи правна држава, тоа значи владеење на правото.

Токму обезбедувањето на квалитетна правна заштита е причината поради која секоја држава се стреми да го унапреди својот систем на правна заштита и континуирано да развива и да воведува што поповолни форми на давање правна заштита. Постоењето на нотаријатот, како јавна служба, е резултат на тој стремеж. Од тие причини, воведувањето на нотаријатот во правниот систем на една држава треба да се смета како дел од една стратешка реформа на правосудниот систем, чија примарна цел е изградба на функционален и ефикасен правосуден систем заснован на европските правни стандарди. Истовремено, правната сигурност што ја овозможува нотарската служба е еден од основните услови за економскиот развој на земјата и за нејзин социјален напредок. Можеме слободно да кажеме дека нотаријатот е многу значајна, одговорна и респектабилна институција во Република Македонија и ужива голема доверба кај граѓаните и правните лица, каде што се соодветно третирани и каде што брзо и ефикасно ги остваруваат своите права.

Како ќе се одбележи јубилејот?

Како и секој јубилеј, традицијата бара одбележувањето да биде потсетување на поминатиот развоен пат со постигнатите успеси во професијата. По повод навршувањето 20 години постоење на нотаријатот во Република Македонија и свеченото одбележување на овој значаен настан, не само за нас нотарите туку и за државата, која ни пренесе дел од нејзиниот суверенитет и доверба да дејствуваме во нејзино име, Нотарската комора на Република Македонија ќе организира Свечена академија на 16 јуни 2018 година, во хотелот „Холидеј ин“ Скопје.

На овој свечен настан се поканети претставници на Меѓународната унија на латински нотаријат, претставници од регионалните и меѓународни нотарски комори, и претставници од сите институции во Република Македонија кои на одреден начин имаат дадено придонес за развојот и за унапредувањето на нотаријатот и со кои заеднички дејствуваме во усовршувањето на нашиот правосуден систем.

Со свои поздравни говори ќе се обратат претседателот на Меѓународната унија на латински нотаријат, Хозе Маркењо де Лано, потпретседателот на Германската сојузна нотарска комора, Ричард Бок, како и други претставници на меѓународната заедница кои специјално за оваа пригода ќе допатуваат во нашата земја.

Свое присуство на настанот се очекува да имаат и високи делегации од нотарските комори на Франција, Турција, Хрватска, Словенија, Грција, Босна и Херцеговина, Република Српска, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, како и високи гости од земјава.

 Од регионален и меѓународен аспект, колку е успешен македонскиот нотаријат?

По стапките на современите правни системи, кои како најпогодна институција за вршење на определени видови јавни овластувања видоа во нотаријатот, тргна и Република Македонија, па при конципирањето на системот на нотаријат, нашиот законодавец се определи за т.н. латински тип на нотаријат, кој доминира во голем дел од земјите ширум светот. Во основата на концептот на овој модел е самостојноста и независноста во вршењето на нотарската служба.

Постоењето на нотаријатот во РМ има посебно значење за меѓународноправните односи. Македонскиот нотаријат е вклучен во системот на латинскиот нотаријат преку прифаќање и имплементирање на неговите принципи, нешто што се потврди со приемот на Нотарската комора на Република Македонија во Унијата на латинскиот нотаријат на Конгресот во Атина на 30 септември 2001 година. Ова беше голема чест, но истовремено и голема обврска за нас – нотарите од Република Македонија. Денес Унијата, во која е член нотаријатот на Македонија, вклучува 87 држави низ 5-те континенти, и имено 15 од 19 држави од Г20, 22 од 28-те држави членки на Европската Унија, што може да се каже дека е две третини од светската популација или повеќе од 60 % од глобалниот БДП.

Нотаријатот на Република Македонија денес е цврсто позициониран во телата на Унијата, каде што се реферира за сите законски новини во земјите членки, се учествува во изработка на стручни материјали со останатите членки во донесување на сите стратешки и кадровски одлуки кои се однесуваат на сите тела на Унијата и се врши промоција и интегрирање на македонскиот нотаријат. Дека нотаријатот во Република Македонија има значајна улога и придонес за државата, не само на домашен план туку и на меѓународен, може да се заклучи и од Извештајот на Генералното собрание на Советот на нотаријати на Европската Унија (КНУЕ), во кој Република Македонија преку нотаријатот во 2017 година стана и официјален член набљудувач во ова тело, што е од особено значење заради размена на искуства на нотаријатите во Европа и приближување на Република Македонија кон Европската Унија.

Додека, пак, од регионален аспект, без двоумење можеме да се пофалиме дека по хрватскиот и словенечкиот нотаријат, македонскиот е трет по ред нотаријат востановен во овој регион и е еден од најразвиените и најмодерните нотаријати во регионот, но и пошироко. За сето ова значаен придонес имаат и несебичната помош и поддршката добиена од сите земји од опкружувањето, коишто низ годините наназад ни го пренесуваа своето искуство.

Кои се идните планови и цели на Нотарската комора?

Имајќи предвид дека Република Македонија во согласност со Уставот е конституирана како суверена, самостојна, граѓанска и демократска држава, чија појдовна основа и цел е да се воспостави и да се изгради владеење на правото како темелен систем на власта што ќе ги гарантира човековите права и граѓанските слободи, и која цели и се залага да стане член на Европската Унија, мора да се подготвува на начин што законодавството и правниот систем ќе бидат усогласени со европските, критериуми чие исполнување е еден од гарантите за влез во европското семејство.

Следејќи ги овие цели, нашите идни стремежи ќе бидат насочени кон натамошно имплементирање на современите достигнувања во областа на нотаријатот следејќи ги компаративните искуства и европските стандарди во однос на модернизирање на граѓанското законодавство. Нотаријатот во иднина ќе се адаптира и ќе се подготвува за новите форми и промените што ги наметува технолошкиот развој и за новините што секојдневно ги носат информатичката и комуникациската технологија. Меѓусебното мрежно компјутерско поврзување, како и поврзувањето со други институции и установи, а посебно новите технологии, како што се електронскиот потпис, видеоконференцијата, електронските нотарски уписници, електронската нотарска исправа и други прашања за кои ќе треба да се согледаат искуствата на земјите членки на Унијата на латинскиот нотаријат и откако ќе се добијат сознанијата, постапно да се прифатат и да се преточат во норми во нашиот Закон за нотаријатот, притоа строго водејќи сметка да не се нарушат концептот и начелата на слободниот латински нотаријат, да се зачува правната сигурност и од тоа да имаат корист граѓаните и правните субјекти на Република Македонија и пошироко.

Во оваа прилика нема да бидам скромен, и слободно можам да кажам дека во изминативе години на постоење и функционирање нотаријатот се етаблираше како нераскинлив и потребен дел на македонскиот правосуден систем. Но, нема да застанеме на ова ниво, туку нашите стремежи ќе ги насочиме кон негово усовршување, преку градење и продлабочување на соработката со сите институции кои ни се потребни и нам, нотарите, но и на државата, а кои се во функција на обезбедување подобар живот за граѓаните.

Нотарската комора и во иднина ќе се залага за развој на нотаријатот следејќи ги современите европски решенија во латинскиот нотаријат.

М.В