/ Прочитано:

1.016

2012 – Година на заштитени сведоци, преполни судници, борбена одбрана и молчаливо обвинителство

Понеделник, 31 декември 2012 – Мала земја со широка криминална лепеза, од рекетари и убијци до интелектуалци алчни за моќ и пари. Годинава македонската јавност ќе ја запамети по обвинетите криминални умови кои привлекоа огромно медиумско внимание со оглед на нивната претходна популарност и големиот број на обвинети кои наводно организирано и нелегално се богателе. Грозоморно петктратно убиство, заштитени сведоци, поранешен министер, медиумскиот магнат, единствената опремена судница во Кривичниот суд скоро секој ден беше преполна со обвинети, одбрана и јавност. Обвинителството како и секоја година, иако е странка во постапката сепак без изјави и што подалеку од камерите и фотоапаратите. 

Слободно може да се каже „Година на заштитени сведоци“. Досега сведочеа тројца, сведокот Е1 во „Монструм“, и двајца против поранешниот министер Љубе Бошкоски, сведокот ФФ15 во случајот „Ровер“ и сведокот Z-1 во „Кампања“. Преку нивните искази обвинителството треба да ја докаже вината на обвинетите убијци за петкратното убиство кај Смилковци, и вината кај Бошковски за нелегално финансирање кампања и помагање на убиство. Грозоморното убиство кај Смиљковското езеро ја крена на нозе целата јавност, а емоциите се зголемија кога полицијата шестмина обвини за тероризам кои имале намера да влеват немир и страв кај Македонците, па со 18 куршуми убиле 4 момчиња и еден рибар. На крајот на годината судскиот процес почна, се прочита обвинението, а обвинетите побараа да ги видат доказите. Еден од обвинетите од заштитен сведок стана обвинет, а обвинителстото предложи нов заштитен сведок. Одбраната децидна за невиноста на обвинетите, најавува алиби и цврсти докази.

Поранешниот министер Бошковски во два процеса со неколку адвокати ја докажуваше својата невиност дека не ја финансирал незаконски својата политичка кампања, ниту дека замижил пред убиството на рекетарот Марјан Тушевски. За „Кампања“ со второстепена одлука доби 5 години, а за убиството на Тушевски се уште трае борбата помагачите од Македонија да излезат невини од судница, а директните убијци од Србија да ги најде МВР. Речиси истата одбрана и во двата процеси упатува на незаконска постапка без докази.

Оваа година два големи предмети добија првостепена неправосилна пресуда, македонскиот медиумски магнат со неговото семејство и пријатели заработија вкупно 109 години затвор, за перење пари, неплаќање данок, оштетување на доверители. Велија Рамковски доби 13 години затвор, остана без ниту еден медиум. Во текот на постапката одбраната и обвинетите тврдеа дека се невини, а случајот го нарекоа политички. Овој случај придонесе по 18 години да згасне телевизијата на Рамковски, првата приватна телевизија во земјава. Додека јавноста се забавуваше со шпекулации, УЈП и обвинителстото правеа пресметки за колку милиони медиумите на Рамковски го оштетиле државниот буџет. Обвинетите и одбраната се уште чекаат на второстепена одлука.

Обвинетите медиумски личности без сомнеж секогаш твдат дека постои политичка хајка, а доколку се работи за организиран криминал со голем број обвините  тогаш се зборува дека полицијата сака да се пофали со справување на криминал, но во судница никогаш не стигнуваат доказите. За првпат се случи во судница да влезат 86 обвинети уште толку адвокати, а за јавноста немаше ниту едно столче. Случајот „Калдрма“ кој е трето продолжение на инкасантите од патарините доживеа за 5 дена да се изјаснат преку 80 обвинети. Змиско око 1 и 2, тапкаат во место со години. Во февруари е закажано рочиште за првите 72 инкасанти кои беа уапсени во 2007 година, а веќе 5-та година имаат судско патешествие. Точно 2 години како предметот се врати на повторно одлучување, а секој месец има закажано рочиште, па досега преку 20 пати главниот претрес се одложува бидејќи обвинетите не се појавуваат во судница. Голем број од нив се вратија на работа, а слична е ситуацијата и со нивните 25 колеги кои по продолженета акција на МВР, никогаш не дочекаа судска постапка.

Првостепена одлука доживеа и случајот „Метастаза“ каде 40-тина лица  меѓу кои видни лекари беа обвинети дека организирано примале мито и издавале лажни пензии. Процесот беше под будното око на медиумите,  а за начинот на приведувањето на лекарите медиумите пишуваа со месеци. Сепак, со судската одлука повеќето од обвинетите поминаа со 2, 5 години затвор, а скоро сите од нив половина од казната ја поминаа во притвор. 

Оваа година Апелација одлучи Васил Тупурковски да се врати во судница поради тајванските кредити. Овој случај со години нема крај, откако со второстепена одлука беше укината ослободителната пресуда и случајот беше вратен на повторно одлучување. 

Единствениот предмет од организиран криминал кој никогаш никој не спомна политика е случајот „Бришач“ каде 27 лица се товарат дека исценирале сообраќајки за да можат да се земат оштета од осигурителните компании. Меѓу обвинетите има сообраќајци од МВР и учесниците во сообраќајките. На почетокот на новата година се очекува пресуда за овој случај.  

При самиот крај е и судската постапка за матурантот Мухамед Јашари кој го загуби животот при тепачка во ГУЦ „Здравко Цветковски“. Храброто срце на Јашари не го издржа ударот од камен, сепак сведоците потврдија дека ударот постои, а вештаците зборуваа за специфичната состојба на срцевиот мускул според која Јашари не преживеа. Тројцата обвинети влегле во дворот да се тепаат без намера некој да биде убиен, сепак обидот на Јашари да го заштити својот другар заврши кобно за него. 

Во соседството пак, досега невидени корупциски предмети ја тресат тамошната јаавност. По неправосилната пресуда за случаите Хипо банка и ИНА-МОЛ зад решетки се најде поранешниот хрватски премиер Иво Санадер. Во судница се  уште се бори со неколку обвиненија, а доби 10 години затвор и долг од 3,5 милиони евра за воено профитерство и злоупотреба на службената должност. Допрва треба да има одлуки од низата коруптивни предмети кои се водат против него. Слично и во Србија, тајкунот Миодраг Мишковиќ заработи притвор и кривична пријава за нелегална приватизација со која заработел 30 милиони евра.