Лидија Неделкова vs. Ристо Катавеновски: Претседателка или претседател на Врховниот суд на РМ?
Среда, 18 јули 2012 – Судскиот совет на РМ (ССРМ) денеска треба да одлучи кој ќе го наследи Јово Ванѓеловски и ќе седне на претседателското столче во Врховниот суд на РМ. Кандидатите познати, екс-претседателката на Кривичниот суд во Скопје, Лидија Неделкова и врховниот судија Ристо Катавеновски. Потенцијален кандидат за претседател на судот е судијката Неделковска, ако се земе предвид молскавичното напредување во нејзината кариера во последните 5 години.
На досегашниот претседател на Врховниот суд во Македонија, Јово Ванѓеловски мандатот му истече вчера. Откако Ванѓеловски ја повлече кандидатурата за уште еден мандат во највисоката судска инстанца, во трка за претседателското место останаа судијката Лидија Неделкова и судијата Ристо Катавеновски.
Лидија Неделкова – потенцијален кандидат за претседател
За неодамнешната шефица на скопска единица, во судските кругови веќе одамна се зборува дека е со големи амбиции. Судијката Лидија Неделкова (1961) која пред да стане претседател на Кривичниот суд во Скопје, судеше по предмети од областа на организираниот криминал, на 15 март годинава прескокнувајќи ја Апелација, беше избрана за врховен судија. Она што е интересно е фактот што таа буквално ја искористи последната шанса да рипне една инстанца, бидејќи од следната година со измените во Законот за судови, во Врховен ќе се вработуваат само судии кои имаат 6 години искуство во Апелација. Како кривичен судија Неделкова го осуди кондовецот Агим Красниќи, а меѓудругото постапуваше по предметите „Пепел“ и „Бродец“. Таа е судијката која му определи мерка притвор на струмичкиот градоначалник Зоран Заев.
За разлика од неговата колешка, опонентот на Неделковска, врховниот судија Ристо Катавеновски (1957), не ја бранува толку јавноста. Катавеновски кој е исто така кривичар, во својата кариера бил судија во Основниот суд Скопје 1, една година во Апелација, а денеска е врховен судија. Познат е по тоа што го осуди поранешниот директор на ЕСМ Ламбе Арнаудов, а како и Неделкова и тој му судеше на Агим Красниќи.
Инаку ова е втор пат овие двајца судии да бидат во трка за претседателско место, откако во 2009 година и двајцата беа кандидати за претседател на Кривичниот суд во Скопје, каде Неделкова триумфираше.
Минатата недела пропадна изборот за претседател на најголемиот Кривичен суд во земјава, бидејќи и за двајцата пријавени кандидати немаше двотретинско мнозинство.