/ Прочитано:

815

6 години затвор за Ибраим Сејадини, еден од уапсените во акцијата „Монструм“

Петок 22 мај 2012 година –  Основен суд Скопје 1 му одреди 6 години затвор на Ибраим Сејадини, еден  од уапсените во акцијата „Монструм“ за недозволено изработување, држење и трговија со оружје. Обвинетиот пред судот рече дека оружјето го купил во Косово, имал намера да го продава во Македонија, но не нашол купци. Кај Сејадини, жената од селото Отља и кај уште двајца уапсени во акцијата „Монструм“ е пронајдено оружје и тие се товарат само за кривичното дело неовластено производство, држење и тргување со оружје или  распрскувачки материи. Иако уапсени во истата акција на МВР, тие не се поврзуваат со масакрот кај Смиљковско.

Во полициската акција „Монструм“, при претресот во домoт на Сејадини беа пронајдени автоматска пушка, бомба „кашикара“, 5 рамки за муниција, 7 куршуми, борбени елеци и фантомки.

Процесот во судот против него требаше да почне на почетокот на месецов, но беше одложен поради технички причини, односно судот не беше во можност да го спроведе обвинетиот од притворот во Прилеп.

Во акцијата „Монструм“ беа уапсени 20 лица.

  • 6 лица (Алил Демири, Африм Ислаимовиќ, Агим Ислаимовиќ, Азири Фејзи, Сејди Рами и Хаки Хазири), се осомничени за кривичното дело тероризам, за тројца полицијата смета дека се директни извршители на убиството, а двајца од нив се во бегство;
  • 10 осомничени се ослободени откако судот утврди дека не се вмешани во петкратното убиство;
  • 4 лица се осомничени за неовластено производство, држење и тргување со оружје или  распрскувачки материи. Од овие лица само за Ибраим Сејадини обвинението е правосилно.
Дел од засега познатата одбрана на осомничените за случајот Смилковско езеро е адвокатот Насер Рауфи. Рауфи за Академик објасни зошто за сите осомничени не се води иста постапка.  Кај Ибраим Сејадини, жената од селото Отља и кај уште двајца осомничени е пронајдено оружје и тие се товарат само за кривичното дело неовластено производство, држење и тргување со оружје или  распрскувачки материи. Како што вели Рауфи, овие лица со другите осомничени од операцијата „Монструм“ имаат само две заеднички работи, а тоа се датумот (1 мај 2012 година) и акцијата во која се уапсени, односно тие не се поврзуваат со масакрот кај Смиљковско. Истрагата за петкратното убиство се уште трае.