/ Прочитано:

883

6 месеци до година би траеле преговорите помеѓу Еквадор и Британија, прогнозира Асанж

Петок, 31 август 2012 – Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж смета дека  6 месеци до година би траеле преговорите помеѓу Еквадор и Британија, а во врска со неговата екстрадиција во Шведска. Поранешниот хакер се надева дека драмата што настана околу него ќе биде решена како што доликува, на дипломатски начин.

Во интервју дадено за еквадорската телевизија „Гама“, Асанж рече дека отфрлање на случајот што се води против него од страна на шведските власти е најверојатното сценарио.

„Мислам дека ситуацијата ќе се реши преку дипломатија. Шведската влада би можела да се повлече од процесот. Верувам дека тоа е најверојатното сценарио. По темелна истрага за она што се случило можеби ќе се откажат од овој случај“.

„Сметам дека оваа ситуација ќе биде решена во наредните 6 месеци до година дена“, додаде Асанж во интервјуто за еквадорската телевизија.

Поранешниот хакер, повеќе од 2 месеци е „заточеник“ во амбасадата на Еквадор во Лондон. Тој доби политички азил од Еквадор, но  британските власти рекоа дека не го признаваат азилот на лица кои се бараат за кривични дела и се заканија дека доколку направи само еден чекор на британско тло тој ќе биде екстрадиран во Шведска, каде се води истрага против него, откако две поранешни волонтерки на Викиликс го обвинија за сексуални напади врз нив. Она од кое што Асанж најмногу стравува е дека Шведска ќе го испорача на САД, каде би можеле да го обвинат за шпиунажа, кривично дело за кое согласно американските закони може да биде соочен со доживотен затвор, евентуално смртна казна. За Еквадор, хајката против Асанж е политичка и доколку тој биде екстрадиран во САД, нема да добие право на фер судење. Властите од Кито побараа гаранција од Стокхолм дека Асанж нема да биде предаден на САД, но истата не ја добија.  

На прашањето дали под овој услов, кога Шведска би гарантирала дека нема да го предаде на САД, би отпатувал за Стокхолм,  тој  избегна директен одговор.

„Можеби, доколку гаранциите се цврсти… не би било коректно да ме сместат во затвор во Шведска без обвинение“, одговори Асанж. 

Заканата на Обединетото кралство дека ќе упаднат во Амбасадата доколку Асанж не им биде предаден го налути претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа. Страстите стивнаа измината недела, откако според претседателот Кореа, Британија ги повлекла заканите. Потпретседателот на Еквадор, Ленинн Морено во средата се сретна со британскиот шеф на дипломатијата, Вилијам Хаг, по која Хаг посочи дека решение не е на повидок, бидејќи позициите на двете земји во врска со ова прашање се сосема различни.