/Прочитано:

2.193

60 ГОДИНИ СТРАСТ ЗА ПРАВОТО: Интервју со проф. д-р Кирил Чавдар, овогодишен предавач на Конференцијата на Академик

„Судијата никогаш не треба да го остави пишувањето на пресудата за подоцна, без разлика за колку тежок предмет се работи. Таа треба веднаш да се сработи и да се напише. Доколку помине време, аспектите за предметот бледнеат и затоа таа треба да се напише веднаш. Судиите кои не ги пишуваат пресудите веднаш прават грешка. Истото се однесува и за адвокатите. И тие треба да ја напишат тужбата веднаш по разговорот со странката бидејќи подоцна постојат ризици да биде потребна дополнителна консултација, а да не можат да остварат контакт со странката од различни причини“, вели проф. д-р Кирил Чавдар.

foto akademik

Проф. д-р Кирил Чавдар е еден од најреномираните и најугледни правници во Република Македонија, со долгогодишно искуство во сите правни области. Тој е магистер по правни науки во областа на извршната постапка и доктор во областа на граѓанската и правна заштита на државната сопственост.

Роден е во Ресен, а основно и средно образование учел во Ресен, Битола и Охрид. Се запишал на Правниот факултет во Загреб, каде што дипломирал во 1955 година. Неговото прво работно искуство било како судски приправник, а поминал и една година како асистент на Правниот факултет во Скопје.

Во 1958 година бил избран за судија на Околискиот суд Скопје II, а при крајот на 1959 година и во 1966 година станал судија на Окружниот суд во Скопје. Во периодот од 1968 до 1975 година ја презел улогата на помошник на републичкиот секретар за правосудство на СРМ.

Во 1975 година го направил следниот чекор во неговата професионална кариера кога бил избран за судија на Врховниот суд на Македонија, а во 1982 година – за заменик на јавниот правобранител на Македонија.

Кон крајот на осумдесеттите години заминал во Сојузниот суд во Белград, каде што останал до распадот на СФРЈ, а потоа повторно работел во Врховниот суд на Република Македонија и на таа функција останал до своето пензионирање.

foto akademik

Своето непроценливо искуство го споделил и како член на Републичкиот судски совет во периодот 2000 – 2003 година, а учествувал и во подготовката на бројни законски решенија.

Автор е и на десетици публикувани изданија од областа на граѓанското право и судската пракса кои и ден денес се незаменлива алатка на правниците низ цела држава.

Низ мојот професионален животот ме водеше максимата дека мора да се даде најдоброто од себе, и таа максима ме водеше цело време, уште од студиите по право, па сè до мојата работа како судија и професор. Желбата за успех и за менаџирање на работата се најважни за секој професионалец во правната струка, вели д-р Кирил Чавдар, кој на Конференцијата на Академик ќе го пренесе својот опус на работа претставен преку бројни прашања кои се однесуваат на подготовката на коментарите на законите, обработката на судската практика, едукацијата, менаџирањето на судиската работа и давањето на правната помош.

Воодушевување од римското право и прв објавен текст посветен на Законот за работните односи

„Бев одличен ученик, со желба да се вклучам во оние општествени текови што носат свој печат и свое влијание во општеството.  Моите амбиции за студирање првенствено беа да студирам медицина. Но, во тоа време со соочив со економски тешкотии поврзани со студирањето, па добив стипендија за студии по право. Се запишав на факултет во Загреб, каде што и дипломирав истовремено кога и апсолвирав. Како одличен и  редовен студент особено бев воодушевен од римското право, од кривичното право и од кривичната постапка, иако понатаму професионално се посветив на комплексните дисциплини на граѓанското право. Во тоа време, на Римското право како предмет му се даваше исклучително значење. Професорите секогаш гледаа каква е оценката по Римско право, што беше показател за подготвеноста на студентот и за останатите предмети. Кој ќе положи Римско право, значи дека е одличен студент“, истакнува професорот Чавдар.

„Вклучувајќи се во правната професија по дипломирањето, пред себе си ја поставив максимата дека мора бидам добар во тоа што го работам, да бидам професионалец во правната струка и да ја вршам таа професија најдобро што можам. Си велев, штом сум добар во струката првенствено за себе, ќе бидам добар и за другите“, истакнува професорот Чавдар, кој своите афинитети кон квалитетни анализа на законите решенија, ги покажал уште за време на своите почетоци како судија.

foto akademik

Во таа насока, професорот раскажува дека во правосудната фела посебно се истакнал со трудот посветен на Законот за работните односи. „Мислам дека сум првиот во Македонија што објавил текст посветен на ЗРО“, подвлекува професорот.

„Имено, како судија почнав да работам во 1958 година. Тогаш имаше редовна практика  како судии да подготвувавме реферати за новите законски решенија. Мене ми падна да подготвам реферат за Законот за работните односи. Си реков, зошто да не го објавам овој реферат. По објавувањето, рефератот изврши големо влијание во правосудната фела, образложува професорот Чавдар.

Желбата за успех и менаџирањето на работата се најважни

За својата успешна кариера како судија, професорот Чавдар нагласува дека желбата за успех во професијата го водела цело време низ неговата професионална кариера. Желбата е најважна и, се разбира, менаџирањето на својата работа, вели д-р Кирил Чавдар.

„Судијата никогаш не треба да го остави пишувањето на пресудата за подоцна, без разлика за колку тежок предмет се работи. Таа треба веднаш да се сработи и да се напише. Доколку помине време, аспектите за предметот бледнеат и затоа таа треба да се напише веднаш, што би се рекло, додека е сè уште тазе. Јас секогаш како судија пресудата ја пишував веднаш, диктирајќи му ја на дактилографот или пак на диктафон. Судиите кои не ги пишуваат пресудите веднаш прават грешка. Истото се однесува и за адвокатите. И тие треба да ја напишат тужбата веднаш по разговорот со странката бидејќи подоцна постојат ризици да биде потребна дополнителна консултација, а да не можат да остварат контакт со странката од различни причини. Исто така, адвокатот мора веднаш темелно да ја подготви и жалбата. Значи, ова се дел од ризиците во самото менаџирање на подготовката на судските пресуди, како и во давањето на правната помош“, истакнува професорот.

foto akademik

Легендарни коментари и обработкa на судскa практика

Придонесот на проф. д-р Чавдар во македонската правна наука и практика е препознатлива и во подготовката на неговите познати коментари, потоа во анализата на судската практика, како и во правната едукација.

Во таа смисла, д-р Чавдар истакнува дека подготвувањето на еден коментар бара големи познавања од областа. Коментарите, вели професорот, имаат огромно значење за правниците затоа што од нив може да се научи многу за различни ситуации низ практичното работење, како и да се дадат одговори на многу дилеми кои се појавуваат низ практиката.

„Моите коментари можеби се и најпрактични уште од времето на бившата СФРЈ. Тие се обемни во својата суштина и во својата материја, а концизни во својот текст. Во тоа е нивното значење, и од тој пристап секогаш сум тргнувал во нивното работење. Секогаш треба да се има предвид дека и подготовката на коментарите бара менаџирање во процесот на нивната подготовка. Како што реков, потребно е многу знаење и потребен е концепт кој ќе биде корисен за правната фела. Како практични помагала, во моите коментари има и судска практика и примери на поднесоци. При започнувањето на пишувањето на коментарите јас веќе имав 40-годишно практично искуство и едноставно знаев што е она што е потребно за подготовка на еден таков коментар“, вели професорот Чавдар.

foto akademik

Тој додава дека, како  и коментарите, и обработката на судската практика има суштинско значење во развојот на правната мисла и во помагањето во практичното работење. Единствен сум во Македонија, потенцира професорот, кој ја обработува судската практика.

„Штом ќе фрлам поглед на некоја пресуда, веднаш знам дали во однос на таа пресуда има место за сентенца и дали таа може да се образложи. Сепак, како и за коментарите, и ваквото обработување на судските пресуди бара многу време, знаење и практично искуство. Се работи за разработка на прашање за кое е потребна доследна анализа и многу посветеност“, вели професорот. Во тој контекст професорот предупредува дека отсуството на правните билтени, особено од Апелациониот суд во Скопје, претставува „голема сиромаштија за македонското право“.

Работата со студентите е многу инспиративна

„Сите овие работи се неопходни за правото како што е неопходна и едукацијата. Како на овие прашања така и на едукацијата многу се посветив во мојот професионален живот.  Во однос на едукацијата, јас сум еден од пионерите во таа област. Имав можност да се посветам на едукацијата на правниците на разни стручни советувања, меѓутоа и на студентите на нивните студии по право. Предавав на Правниот факултет во Битола, како и на Американ колеџ во Скопје. Работата со студентите е посебно инспиративна и таа е клучна во развојот на еден правник“, истакнува професорот Кирил Чавдар, кој нагласува дека во својата кариера како исклучителен професионалец наишол на голема поддршка од неговата сопруга Јорданка, на која, како што вели, ѝ упатува искрена благодарност.

foto akademik

Конференцијата на Академик, на која како предавач ќе настапи проф. д-р Кирил Чавдар, ги обединува лидерите во правниот свет кои се занимаваат со управувањето со правни ризици, а оваа година акцентот ќе биде ставен на правните трендови, односно на запознавање на нашите учесници со најновите и најдобрите правни практики во сферата на правниот дизајн, со алтернативните правни практики во адвокатските компании, со новините во користењето на правните услуги, со усогласеноста со законите и етичките норми со придобивките што ги има компанијата од работата на својот главен правен застапник, со управувањето со таленти и со регионалните правни достигнувања.

Академик ви стои на располагање на 02/3232-821, формуларот за регистрирање можете да го најдете тука, а повеќе информации можете да најдете на akademikconference.com.mk

АКАДЕМИК КОНФЕРЕНЦИЈА Управување со правни ризици: Правни трендови – Skopje Legal Risk Management: Legal Trends, 18 – 19 октомври, 2016 година

M.В