/ Прочитано:

3.250

70 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ ПРАВОПИС: Кодифицирањето и озаконувањето на бисерот на балканските јазици

Во организација на МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, денеска во Македонската академија на науките и уметностите се одржа свечен собир по повод 70-годишнината од објавувањето на македонскиот правопис.

„Македонскиот правопис, предложен од комисијата за јазик и правопис при Министерството на народната просвета, се приема како официален правопис. Истиот ќе се отпечати во засебни книшки, како издање на Министерството за народната просвета“, се вели во членот 1 од Решението за правописот на македонскиот јазик од 7 јуни 1945 година, потпишано од министерот за просвета Никола Минчев.

Седумдесет години по овој значаен историски датум, на кој македонскиот правопис се прогласува за официјален правопис, денеска во МАНУ се одржа свечен  собир во таа чест, на кој беше нагласено дека македонскиот правопис е меѓник на македонската државност, а македонскиот јазик – бисер меѓу балканските јазици.

На собирот поздравни обраќања имаа академик Владо Камбовски, претседател на МАНУ, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и проф. д-р Славица Велева, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, осврнувајќи се на историскиот развој и на законодавноправните аспекти на македонскиот јазик, на дејноста на македонските преродбеници и на значењето на АСНОМ за македонскиот јазик, правопис и државност, во своето обраќање  истакна дека македонскиот правопис претставува услов без кој не се може и камен-меѓник за македонската државност и за градењето на македонскиот идентитет.

Проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, во своето излагање подвлече дека за нив како научни работници и како Институт за македонски јазик големиот предизвик што следува е подновувањето на македонскиот правопис, кој е вграден во 70-годишно литературно и писмено творештво, при тоа потенцирајќи дека македонскиот јазик со значајните асномски датуми претставува еден од избраните јазици во светот.

„Ако во светот се зборуваат над 6.500 јазици, само неколку стотини од нив се во официјална, службена употреба. Македонскиот јазик со донесувањето на македонската азбука на 5 мај и на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година, се вброи во јазиците кои имаат свој правопис, своја официјална, службена употреба во една држава и кај една нација“, истакна Јованова-Грујовска.

Проф. д-р Славица Велева, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, во својот говор нагласи дека македонскиот јазик е жив јазик и дека најголема радост за македонистиката е кога се развива јазикот и кога има кадар што го продолжува образованието и науката.

„Македонскиот јазик се изучува поради љубов. Тоа е жив јазик кој има линија на развој. Младите го почитуваат јазикот онолку колку што ние им овозможуваме да го слушаат македонскиот јазик во изворна форма, онака како што треба да го говорат и слушаат на соодветни места““, рече Велева, додавајќи дека странските колеги, проучувачи и вљубеници во македонскиот јазик, на македонскиот јазик гледаат како на егзотичен јазик.

„А тоа е така затоа што македонскиот јазик е како бисер. Тоа е најбалканскиот балкански јазик!“, истакна Велева.

На свечениот собир говореа и проф. д-р Елка Јачева-Улчар, на тема „За потребата од подновувањето на правописот на македонскиот јазик“, и проф. д-р Људмил Спасов, кој зборуваше „За македонската современа азбука и современиот правопис на македонскиот јазик“.

Свое обраќање имаше и академик Блаже Ристовски, на тема „Современиот македонски литературен јазик од кодифицирањето до озаконувањето“, кој  низ историскиот осврт го нагласи значењето на процесот на кодифицирање на македонскиот јазик и влогот на Крсте Петков Мисирков и на Блаже Конески во тие процеси кои го означуваат дамнешниот развој на македонскиот јазик и македонската државност, а резултираат со инспирација за нови предизвици.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

8 јуни 2015