/ Прочитано:

805

70-годишнина од основањето на Советот на Европа

Советот на Европа е основан во 1949 година и е водечка организација за човекови права на Континентот. Советот има 47 земји членки, од кои 28 се членки на Европската Унија. Неговото седиште е во Стразбур, Франција. Република Македонија стана членка на Советот на Европа на 9 ноември 1995 година. Сите земји членки на Советот на Европа се потписнички на Европската конвенција за човекови права, договор за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Европскиот суд за човековите права ја следи примената на оваа конвенција од страна на државите членки. Врз основа на Конвенцијата, поединци можат да поднесат жалба пред Судот во Стразбур за повреди на човековите права откако ќе бидат исцрпени сите средства што постојат во засегнатата држава членка.

Советот на Европа се залага за почитување на слободата на изразување и медиумите, слободата на здружување, еднаквоста и заштитата на малцинствата. Има покренато кампањи за прашања поврзани со заштитата на децата, говорот на омраза преку интернет и за правата на Ромите како најголемо малцинство во Европа. Советот на Европа им помага на државите членки да се справат со корупцијата и со тероризмот и да спроведат неопходни реформи во правосудниот систем. Венецијанската комисија, која ја сочинуваат група експерти по уставно право, дава правни совети на многу земји ширум светот.

Советот на Европа ги промовира човековите права преку меѓународни конвенции, како што се Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство и Конвенцијата за компјутерски криминал. Го следи напредокот на државите членки во овие области и дава препораки преку независни експертски тела, кои вршат мониторинг во дадените области. Денес, ниту една држава членка на Советот на Европа не ја применува смртната казна.

На овогодишното одбележување на значајниот јубилеј – 70 години Совет на Европа учествуваше и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Од основањето на Советот досега се случиле многу промени, како на политички така и на географски план. Првичната идеја за Европа како заеднички дом на сите може слободно да се рече дека сега е проширена надвор од границите на Европскиот Континент. И зошто да не биде така, кога принципите врз кои функционира и кои ги прокламира Советот се оние на Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, организација во која членува речиси целиот свет. Светот во кој живееме се разликува од светот кога се основал Советот, меѓутоа основите се исти, демократски и суштински, односно владеење на правото и почитување на човековите права и слободи“, истакна претседателот Џафери во своето обраќање пред Советот.

М.В